1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економската криза влијае и врз безбедноста во светот

Актуелната финансиска и економска криза е закана и за безбедноста, затоа е тема и на тајните служби. Работна група на БНД, германската тајна служба, интензивно се зафати со безбедноснополитичката димензија на кризата.

default

БНД има свои прогнози

Шефот на БНД, Ернст Урлау ги претстави резултатите на дискусијата во Сојузната академија за безбедносна политика. Какви долгорочни последици има глобалната финансиска криза врз осносот на силите во светот?

Шефот на БНД Ернст Урлау мисли дека се можни три сценарија: „Првото сценарио: конјунктурните програми ќе покажат видливо дејство до крајот на 2009 година. Второ: конјунктурните програми ќе ја развијат својата динамика надвор од западните држави, пред се‘ во Азија. Трето: конјунктурните пакети во светски рамки нема да покажат никакви или ќе имаат многу мали влијанија.“

Потенцијална опасност

За БНД е најверојатна мешавина од првите две сценарија. Но, и при позитивните очекувања, дека конјунктурните програми ќе делуваат брзо, Урлау потенцира: државните долгови, даноците и инфлацијата можат да растат, додека развојот ќе опаѓа. „Државите во Источна Европа, на пример, мора да вршат болни приспособувања. Овде мораме да сметаме на тенденција на поголема политичка нестабилност, на пример во Украина или во Кавказ.“

BND-Untersuchungsausschuss Ernst Uhrlau

Ернст Урлау

БНД смета дека е можно Кина да излезе како профитер од економската криза и да добие на регионално, како и глобално влијание, на сметка на Европа и САД. „Времето на униполарност неповратно минува, САД мора среднорочно да се простат од улогата на велесила, макар и затоа, што можеби финансиски нема да можат да ја вршат.“

Експертот за Кина, Еберхард Зандшнајдер од Германското здружение за надворешна политика, не верува дека Кина поради економската криза ќе израсне во сила број еден. Кинеското раководство пред се‘ има една цел: зачувување на внатрешната стабилност и социјалната рамнотежа. Во минатиот ноември само во Јужна Кина беа затворени околу 8 илјади фирми, а владата, страхувајќи од социјални немири и натаму исплатува дел од платите, вели Зандшнајдер.

Опасност во земјите од „Третиот свет“

Ханс Јоахим Пројс, генерален секретар на организацијата „Светска помош за храна“ предупредува на ситуацијата во најсиромашните земји. Таму многу луѓе живеат од развојна помош од странство или од парите кои ги испраќаат иселениците, финансиски извори кои во времиња на криза се намалуваат.

Економската криза ја заострува и така веќе проблематичната ситуација, која ја карактеризира раст на населението и намалување на ресурсите, вели Пројс: „Моето резиме би било: намалувањето на производството на храна по глава, конкуренцијата, намалените ресурси како земја, нафта и вода, како и малата подготвеност на владите на земјите во развој и индустриските држави да инвестираат во земјоделство, ја зголемува можноста во иднина да настапат конфликтни констелации.“

Logo vor der Zentrale des Bundesnachrichtendienstes BND

Последица на овие конфликти: повеќе луѓе ги напуштаат своите родни земји и на друго место бараат храна, вода и работа: „Сметаме дека миграционите бранови ќе се зголемуваат. Отежнувачко притоа е што поради кризата земјите-цели се помалку во можност или подготвеност да ги прифатат мигрантите. Финансиската криза значи ги заострува заканите кои веќе постојат.“

Според проценките на шефот на БНД, Урлау, тоа важи и за екстремистичките струења на исламизмот: „Мораме да појдеме од тоа дека на исламизмот ќе му погодува економската криза, особено на неговите социјално хуманитарни организации.“

Кризата може да влијае и врз скапите мировни и стабилизирачки мисии на индустриските земји, како во Африка или Авганистан, прогнозира БНД. Може да се случи, претпоставува Урлау, на пример Африканската унија попусто да бара донатори за своите мировни мисии.

Автор: Нина Веркхојзер / Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска