1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економијата помина подобро од очекуваното

Светската финансиска и економска криза што почна во 2008 година, помалку и’ наштети на германската економија, отколку што се очекуваше. За тоа помогнаа државните мерки, но и оние на претпријатијата.

default

Фирмата „Бакенс телеком“ од местото Хилден се занимава со планирање, опремање и одржување на телефонски централи за претпријатија. Овде одговорните велат дека кризата не ја ни почувствувале. За годинава очекуваат дури пораст на бизнисот од 15%, а се фалат и дека имаат нови клиенти. Тоа сепак не помина без соодветни мерки, како на пример кратењето кај персоналот. Притоа, не станувало збор за масовни отпуштања, туку за селекција по основа на квалитетот на работење, вели шефот на фирмата Томас Класен:

„Тоа е решавачко за бизнисот. Сериозната советодавна дејност има улога на предводник. Дури потоа доаѓа реализацијата на договорената зделка, а по неа останува задачата да се одржи добриот контакт со клиентите и да им се обезбеди одличен сервис.“

Сепак, во екот на кризата имаше и проблеми, посочува Класен: „На почетокот на годината забележавме дека платежниот промет колабира. Нарачки имаше, ние и ги реализиравме зделките, но никој веќе не плаќаше за извршената услуга. Дури од април годинава почувствувавме дека се разврза ’Гордиевиот јазол’ на тој план и платните налози повторно се одвиваа без проблеми.“

Банките - слаба алка

Според шефот на фирмата Класен, останува проблемот со банките, кои во моментов речиси и не даваат кредити за развојни стратегии. И оние на кои им требаат пари на кус рок не се во завидна положба, се согласува раководителот на фирмата „Цента“, Бернд Киршеј. Наспроти добрите подготовки за евентуална криза, што оваа фирма од машинската бранша ги презела во добрите години на стопански полет, таа од февруари годинава беше соочена со драматично намалување на нарачките.

06.01.2009 DW-TV Made in Germany Banken

Банките беа тесно грло

Имаше голем број сторнирања и кризата зафати повеќе регионални пазари ширум светот. „Она што најмногу не’ загрижуваше беше брзината со која дојде кризата. Беше секако многу тешко да се преструктуираме во така кусо време, особено во првите месеци кога уште ни‘ пристигаа претходно договорените нарачки од нашите лиферанти. Кај нас, во тој период се создаде голем застој...“, раскажува Бернд Киршеј.

Според него, намалувањето на обртот за тековната година изнесува околу 25%. Сепак, се забележуваат и првите знаци на опоравување, при што важна улога игра кинескиот пазар. Таму фирмата за машински производи „Цента“ очекува зголемување на обртот од цели 20%.

Имаше и отпуштања

На намалувањето на заработувачката раководството на „Цента“ мораше да реагира и со намалување на капацитетите: „Секако дека не беше доволно да извршиме намалување на полето на снабдувањето со материјал, туку моравме да ги намалуваме и кадровските капацитети.

Maschinenbau Mittelstand Sondermaschinen

Машинската бранша најмногу настрада

Имавме цела низа работници со привремени договори, од кои моравме да се разделиме. Меѓу нив имаше и такви кои беа навистина добри и нив во нормални времиња секако не би ги отпуштиле. Тоа беше болна мерка“, објаснува шефот на фирмата Киршеј и додава: „Многу е важно да се зачува контактот со постојаните клиенти. Мора да знаеме каква е состојбата кај нив. Имавме клиенти кои беа навистина очајни, магацините им беа веќе полни, а им пристигаа и натаму нови машини, што мораа да стојат во дворот. Во такви ситуации моравме да покажеме флексибилност, а не се’ да истеруваме според правните норми и обврски.“

Бернд Киршеј од фирмата „Цента“ оценува дека опоравувањето во машинската бранша веројатно ќе потрае уште пет години. Дури тогаш производството ќе биде повторно на нивото од 2008 година. Значи, претпријатијата од машинската бранша ќе треба да ги вложат сите сили и сето знаење за да издржат до тогаш.

Автор: Клаус Вајнерт / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска