1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Економијата во светот во 2007

Доларот во удолница, нафтата скапа како никогаш, банки кои не ги сфаќаат ниту сопствените хипотечни кредити: во економијата во 2007 година се случија многу нешта.

default

Берзи, трговија успеси и падови

За Германците годината 2007 започна со голема возбуда: ќе мораат да платат околу 24 милијарди евра повеќе за даноци отколку во претходната. Само покачувањето на данокот на додадена вредност од 16 на 19 проценти ја наполни државната каса за дебели 19 милијарди. Луѓето беа лути: „Сметам дека е сосема неоправдано и ја покажува намерата на владата подлабоко да ни брцне во џебовите.“

Конкјуктурата во Германија доживува бум

„Посебно лошо е тоа што покачувањето на данокот на додадена вредност ги опфаќа и производите за деца. Владата зборува за пријателско расположение кон семејствата, но и производите за деца ќе бидат поскапи.“ За среќа конјунктурата во Германија доживува бум, па и мнозинството експерти од економијата не сметаа на големи удари: „За оваа година очекуваме пораст на стопанството за околу два процента и во првите месеци од годинава сметаме на пораст на проблемите. Но, тргнуваме од тоа дека тие ќе бидат надминати во текот на годината„, изјави претседателот на здружението на индустријата Јирген Туман во јануари.

Порастот го чувствуваат граѓаните

Сличен оптимизам изрази и ОЕЦД: „Пред две години прогнозиравме добар пораст и тоа нешто повеќе од два процента за 2007 и 2008. Тоа е значаен пресврт по сите години парализа што се случуваа на просторот на еврото. Фала му на Господа, тоа е минато.“ Ова што го изјави Жан Филип Котис, експерт од ОЕЦД, за Германија важеше во секој случај: индустријата имаше полни раце работа, извозот цутеше, па дури и на трвдоглавиот пазар за работа се почуствува растоварување:

„Порастот го чувствуваат и луѓето, пред се оние што се подолго невработени, луѓето од новите покраини и оние што се постари од 50 години. Сето тоа се добри вести“, констатираше канцеларката Ангела Меркел.

Невработеноста се намалува

Во октомври статистиката изброи под 3 ипол милиони невработени - околу 650 илјади помалку од претходната година. Многу фирми беа во потрага по стручна работна сила, други напротив сакаа да отпуштаат. Ако тоа не беше можно, тогаш барем прераспределба и помали плати. По неколкунеделно штрајкување, синдикатот за услужни

Arbeitslose Deutschland Bundesagentur für Arbeit Logo

Агенција за труд

дејности Верди и Дојче телеком во јуни се договорија за прераспределба на 50 илјади вработени во нови друштва за сервисни услуги.

Преговарачот на Верди, Лотар Шредер тогаш изјави:„Постигнавме компромис. Целта на Вреди беше да се спречи намалување на приходите на вработените. Сметаме дека со овој компромис ја постигнавме целта и дека нема да има никаков атак врз нивните паричници.“

Скандал во Сименс

Длабоко во паричниците брцнаа и некои менаџери во Сименс, но не за да ги зголемат платите на вработените, туку да им поделат мито на потенцијалните налогодавачи. Сумата на дубиозите во меѓувреме стигна до милијарда и 300 милиони евра. Долгогодишниот шеф на Сименс Хајнрих фон Пирер поднесе оставка, а шефот на управниот одбор Клаус Клајнфелд својата функција ја стави на располагање за дотогаш непознатиот фармацевтски менаџер Петер Лешер.

Тој вети расчистување: „Од некои зделки мораме да се повлечеме. Ние сме заинтересирани само за чисти зделки - секогаш и секаде. Тоа е нашата девиза за напред„.

На Г8 - важни отстапки

Конечно напред можеше да погледа и канцеларката Ангела Меркел, откако како домаќинка на самитот на Групата 8 во Хајлингендам, издејствува важни отстапки за клима-политиката од земји како Канада или Јапонија, но пред се од американскиот претседател Џорџ Буш.

Deutschland G8 Heiligendamm Gruppenfoto

Г8 во Хајлигендам

Дури и САД сега беа на бродот на Обединетите нации:„Напредокот е во тоа што сега повторно имаме јасен договор за преговори врз основа на механизмите на Обединетите нации. И земјите што ни беа на гости, како африканските, така и земји како Индија, Кина, Мексико, Бразил и Јужна Африка јасно соопштија дека се обврзуваат кон тој процес до колку остане во рамките на светската органзиација. Се друго, според мене, немаше да има успех.“

Ербас конечно испорачан

Се чинеше дека осуден на успех е и новиот супер-авион Ербас 380, се додека не се појавија проблеми со каблите. Дури во октомври - со скоро две години задоцнување - можеше да биде испорачана првата машина на Сингапур Ерлајнс. Шефот на Ербас, Томас Ендерс: „Денес поставуваме многу важен камен-темелник, имено испораката на првиот Ербас. Горди сме што точно навреме, имено во октомври 2007, го испорачуваме овој прв авион. Меѓутоа, главната работа допрва ни претстои и ќе ги употребиме сите сили така да продолжиме„.

Меѓутоа, фарнцуската берза ги осомничи големите акционери и менаџери дека со инсајдерски зделки дошле до големи пари пред да се дознае за проблемите со каблите. Освен тоа, слабиот долар го принуди Ербас да заштеди милијарда евра. Шефот на Ербас Томас Ендерс нешто подоцна зборуваше за животна загрозеност на ситуацијата во фирмата.

Рекордна вредност на еврото и нафтата

Апропо слабиот долар: кон крајот на ноември еврото ја допре рекордната граница од долар и 50 центи. Толку слаб не бил никогаш. Во булеварскиот печат се тврдеше дека бразилската топ-моделка Гизеле Биндхен бара да не биде плаќана во долари, туку во евра. Дали доларот го отслужи своето?

EU USA Dollar und Euro

Евро контра долар

Јерг Кремер од Комерцбанк жестоко се спротивстави:„Апсолутно неверојатно. Доларот учествува со две третини во меѓународните монетарни резереви. Еврото само таму малку отиде напред. Причината не е во тоа што Европската централна банка води лоша политика или не е веродостојна, туку едноставно во тоа што американскиот пазар на капитал е многу поголем од се уште фрагментираниот европски пазар на капитал.“

Слабоста на доларот им годеше само на Европејците: цената на нафтата беше поднослива. На 21 ноември цената за барел достигна до границата од 100 долари. Големата побарувачка и малата понуда ја туркаа цената угоре, дополнително подгреана од слабиот долар и шпекулантите кои банкарските акции ги префрлуваа во нафтени.

Тоа имаше своја причина: банкарските акции од кризата со недвижнини во САД тргнаа стрмоглаво надолу од што не беа погодени само американските банки. Недовербата во банките во светто толку порасна што за само неколку дена националните централни банки мораа да напумпаат повеќе од 300 милијарди евра на финансиските пазари. А, крај на кризата не е на повидок. Сите предвидувања се дека таа ќе продолжи и во 2008 година.