1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Еколошката тужба на Велес заглавена во судскиот лавиринт

Кога пред три години ја поднесоа првата еколошка тужба во Македонија, општина Велес, Зелената коалиција и експертите очекуваа краток и правичен судски процес. Денес тие се збунети од постапките на судот.

default

Тужителите преку претставката се обидуваат да докажат дека Топилницата три децении ги труеше Велес и граѓаните со олово, цинк и кадмиум, но и да ја принудат државата да ги санира последиците од загадувањето. Денес на почетокот на четвртата година, тужителите се збунети од постапките на судот. И додека градоначалникот на Велес, Горан Петров, не сака да коментира на прашањето дали еколошката тужба заглави во судските лавиринти, пропустите ги лоцираат првиот екологист во градот, доктор Ненад Коциќ и Димитар Апасиев, магистер по правни науки. 

„Сведоци сме на несовесно однесување на судот. Постојано викаат различни правобранители, кои меѓусебе не се информираат што се случило“, вели Коциќ.

„Симптоматично е тоа што судијката постојано бара некакви експертизи и вештачења со цел вештачки да се напумпаат трошоците на овој спор и тужителите самите се откажат од процесот, што е свесна тенденција која и` одговара на државата“, дополнува Апасиев.

Загадувањето на Велес е ноторен факт

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht

Тужбата заглавена во судските ходници

Тужителите на судот му приложија докази. Европската студија на Ептиса и студијата за состојбата со загадувањето на велешката почва на професор д-р. Трајче Стафилов. Во првата, финансирана од ЕУ, шпански и македонски експерти тврдат дека тридецениското загадување со тешки метали на Велес од Топилницата е причина за  карциноми, леукемии и друг вид на последици по здравјето на велешани. Во втората на професор д-р. Стафилов, направена со државни пари и одликувана со наградата „Гоце Делчев“, докажани се неколку пати над дозволените МДК на тешки метали во велешката почва во длабочина до 50 сантиметри. Но, судот нив не ги прифаќа како релевантни докази:

„Да докажувате дека Велес е загаден е исто како да докажувате дека сонцето изгрева на исток и заоѓа на запад. Тоа е општо познат или ноторен факт и тие факти според нашето процесно право не подлежат на докажување, туку се земаат за априорно вистинити“, истакнува Апасиев.

„Државата многу полошо ќе помине пред судот во Стразбур, отколку пред домашните судови. Таа си прави лоша услуга. Државата ја изгуби битката одамна, зашто остави Велес самиот да се справува со состојбата во која беше затечен“, смета Коциќ.

Тужителите очекуваат отштета од државата

Апасиев од пресудата очекува конечно Република Македонија да ја исполни уставната обврска со која е гарантирано правото на живот во здрава и чиста животна средина за сите граѓани.

Партијата на Зелените и општината од судската пресуда на еколошката тужба очекуваат отштета, која Република Македонија ќе ја надомести со отстранување на отровната топилничарска депонија, од која ветрот секојдневно во Велес ја носи  опасната оловно-цинкова и кадмиумова прашина и ќе ја исчисти од тешките метали почвата во општината. 

Прилог преземен од партнерската радио станица Радио Канал 77

Редактор:Трајче Тосев