1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Екипите со послаб рејтинг им ги измешаа сметките на фаворитите

Квалификациите за ЕП во фудбал - се’ позанимливи и понеизвесни. Драматичен пресврт во претпоследната трка на светското првенство во автомобилизам формула 1

Балак и Швајнштајгер

Балак и Швајнштајгер

Саботните квалификациони натпревари за наредното Европско фудбалско првенство донесоа неколку изненадувања. Македонија, 51-ва на светската ранг-листа, го слави нерешениот исход на гостувањето против Англија во Манчестер – со 72 илјади гледачи тоа беше најдобро посетениот натпревар во оваа квалификациона рунда. Македонија полека прераснува во непријатен противник за Англија со оглед на тоа дека и пред 4 години исто така како гостин извлече нерешен резултат – тогаш во Саутемптон беше 2 спрема 2, а и во овие квалификации дуелот во Скопје, иако Англичаните победија со 1 спрема 0, беше многу неизвесен.

Во истата „Е“ група ни Русија не успеа да освои повеќе од еден бод дома против Израел (1 спрема 1), па сега Англија и Израел водат со по 7 бодови. Хрватска, која конечно „проработи“ и ја испрати Андора со 7 голови во мрежата, со Македонија го дели третото и четвртото место, обете со по 4 бодови.

Од Англија уште полошо поминаа Франција и Шпанија. Светскиот вицешампион Франција е поразен како гостин од Шкотска со 1 спрема 0 – за стрелецот на голот Гери Колдвел тоа е „еден од најголемите триумфи во историјата на шкотскиот фудбал“. Ова беше втор пораз на Французите во 32-иот натпревар предводени од Рејмон Доменек како селектор. Светскиот првак Италија здивна со победата против Украина со 2 спрема 0, откако во претходните два меча освои само еден бод. Фудбалскиот свет „се сврте на глава“: Шкотска води во „Б“-групата со максималните девет бодови од три средби, пред Франција со 6 и Италија со 4; една Украина, учесник на последното светско првенство, е претпоследна!

Шпанија за прв пат по 15 години последовно загуби две квалификациони средби едноподруго - по бламажата против Северна Ирска уследи и поразот од Шведска со 2 спрема 0. „Без линија, без сигурност, без среќа – Шпанија банкротира“ – коментира весникот „Ас“. Шведска се одлепи – има 9 бодови, Данска и Северна Ирска по 4, Шпанија само 3 од три настапи.

Србија по тешко извојуваната минимална победа со 1 спрема 0 во дербито против Белгија води во „А“-групата со два бода предност пред Финска, која одигра само нерешено на гости кај Ерменија. „Се разбудија“ Полјаците и Португалците и нивните први победи ветуваат многу возбудливост во таа група.

Нема изразит фаворит ни во „Ц“-групата: по победата на европскиот првак Грција против досега водечката Норвешка, и на Турција на гости против Унгарија, се формира тројка на врвот на со по шест бодови.

Романија, по очекуваната победа над Белорусија, го презеде водството во „Г“-групата откако дербито Бугарија - Холандија не донесе победник (1 спрема 1). Сега Романија и Холандија имаат по 7, Бугарија 5 бодови.

Предупредување за Германија: Словачка, нејзиниот нареден противник во „Д“-групата, на која и’ гостува в среда, го победи Велс на негов терен дури со 5 спрема 1. Чешка му даде 7 голови на Сан Марино и го презеде водството во групата. Изненадување е убедливата победа на Кипар против Ирска со 5 спрема 2.

Германија играше пријателски натпревар против Грузија во Росток и ја забележа четвртата последовна победа - сите без примен гол, откако по светското првенство кормилото на репрезентацијата од Јирген Клинсман го презеде неговиот дотогашен помошник Јоахим Лев. Резултатот е 2 спрема 0, стрелци на головите Швајнштајгер и капитениот Балак. Лев оцени: „Тоа беше занимлив натпревар, се разбира и со грешки што ги направивме ние. Но, во тимот имавме четворица играчи кои настапија за прв пат, имавме многу млади играчи. Мислам дека игравме многу ангажирано и со многу срце. Но, за некои работи ќе мораме интерно да поразговараме“.

Лев тука мисли пред се’ на Подолски, кој си дозволи да удри противнички играч без топка и беше исклучен, но сепак ќе може да игра против Словачка, оти евентуалната казна ќе се однесува само на пријателски средби.

Во репрезентацијата дебитираа Клеменс Фриц, Јан Шлаудраф, Александер Мадлунг и Пјотр Троховски. „За мене тоа беше супер-доживување. Повремено игравме добар фудбал. Се разбира, не може толку многу да се очекува, ова беше речиси комплетно нов тим со многу нови играчи без речиси никакво искуство. Вложивме многу напори, се боревме и заслужено победивме“ – рече Троховски.

За средбата в среда на располагање стои Оливер Невил, кој се опорави од повредата, ќе играат и Клозе, Шнајдер, Лам а на голот се враќа Леман.

Среќата против Шумахер, а на страната на Алонзо

Пред трката за Големата награда на Јапонија во Сузука седумкратниот светски првак во автомобилизам формула еден Михаел Шумахер ги имаше сите изгледи кариерата да ја заврши шампионски, со осмата титула. Сега, на последната трка во првенството, негова 250-та и последна во кариерата, Михаел Шумахер само може да се надева на реприза на настаните од изминатиот викенд, но во своја полза: само ако бранителот на титулата Фернандо Алонзо не освои ниту бод, а Михаел победи, би имале ист број бодови и Шумахер би бил првак, оти има поголем број поединечни победи во годинашниот шампионат!

Во Сузука до 17 кругови пред крајот се’ одеше според желбите на германскиот ас, кој беше во водство. Тогаш доживеа дефект на моторот и мораше да се откаже, а Алонзо го презеде и го одржа водството! „Не полагам врз искрата на надеж, која уште ми останува. Го оживеавме првенството што се чинеше дека е решено и горди сме на тоа“- рече Шумахер, кој сепак најавува борба барем за титулата во конкуренција на конструктори. „Овие 10 бодови се мал подарок што ни го даде Господ“ – изјави 25-годишниот Шпанец Фернандо Алонзо, најмладиот светски првак во формула еден досега, кому на дофат му е и втората последовна титула.

Финалето е на „Големата награда на Бразил“ на 22-ри октомври на патеката Интерлагос кај Сао Паоло.