1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Едно видео ја подели Германија

Германија го засилува обезбедувањето на своите амбасади во арапските земји. Во земјата истовремено продолжува дебатата - дали навредувачкото видео за пророкот Мухамед смее јавно да биде прикажано.

Поради нападот врз германската амбасада во Судан од пред неколку дена, во сите германски амбасади во арапските земји треба да биде подобрено обезбедувањето. За таа цел е испратен поголем број луѓе како обезбедување во засегнатите области, пишува денеска (18.09) весникот „Билд“, повикувајќи се на извори од кругови на безбедносните структури. Во моментов, германските амбасади во светот ги обезбедуваат околу 250 припадници на елитните сили на сојузната полиција.

Бранот безредија и насилство во исламскиот свет насочен против западните претставништва беше предизвикан од антиисламско видео. Во Германија се разгорува дебатата: дали треба да биде јавно прикажано спорното видео, произведено во САД? Мислењата околу тоа се поделени и меѓу муслиманите.

Претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија, Ајман Мациек е против тоа:

„Мислам дека прво треба да бидат исцрпени сите правни средства“, изјави тој за АРД, првата програма на германската телевизија. Видеото, во кое е навредуван пророкот Мухамед, има за цел „сеење раздор и омраза“. Мациек им советува на муслиманите во Германија „да останат мирни“, за десните екстремисти да не можат да го инструментализираат за „семе на омраза“. Според него, филмот нема врска со слободата на мислење, туку е обид за „повредување на достоинството на верниците“.

Hans-Peter Friedrich und Aiman Mazyek Archifoto

Ханс-Петер Фридрих и Ајман Мазиек

Претседателот на Либерално-исламскиот сојуз Ламија Кадор е против забрана за јавно прикажување на спорниот филм:

„Колку повеќе се зборува за забрана и табуизирање на вакви содржини, толку повеќе штета се предизвикува“, предупреди таа. Дискусиите околу забрана на видеото и посебни правила за муслиманите би воделе кон ширење антисламско расположение во Германија, смета Кадор.

Видеото произведено во САД предизвика огорчување и крвави судири. Во Либија беше убиен американскиот амбасадор, во Судан запалена германската амбасада. Политичарите стравуваат дека безредијата би можеле да се случат и во Германија и затоа сакаат да го спречат јавното прикажување на филмот на пример во Берлин, планирано од деснопопулистичката партија Про Дојчланд.

Не се работи всушност за забраната на филмот, туку за јавното прикажување, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на вчерашната прес-конференција. Притоа, таа се залага, исто како и сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, филмот против пророкот Мухамед во Германија да не доживее јавна проекција поради опасност за јавната безбедност.

Основа за ова може да биде биде параграфот 166 од германскиот устав, според кој постои казна до три години затвор за јавно објавување „содржини со кои се повредува верскиот или световниот поглед на другите, на начин на кој се предизвикува реметење на јавниот мир“.