1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Една ѕвезда моли за азил

Добитникот на Сребрената мечка за 2013-та година, Назиф Мујиќ, од Босна и Херцеговина денес живее во прифатилиште за бегалци на крајот на Берлин. Во татковината немал иднина. Зошто тој повеќе нема шанси?

„Кога тие го изговорија моето име - Назиф Мујиќ, и дека ја освоив категоријата најдобар машки актер, јас веќе не ги чувствував моите раце и нозе. Бев пресреќен. И сега, кога се сеќавам на тоа, ме лазат морници“, објаснува 44-годишниот Назиф Мујиќ. Пред една година играниот филм на босанско-херцеговачкиот режисер Денис Тановиќ „Епизода во животот на еден собирач на железо“ освои две Сребрени мечки на 63-то издание на Берлинскиот филмски фестивал - едната награда беше за филмот, а другата за најдобар актер.

Во приказната Назиф се глуми себеси. Тој е собирач на старо железо, кој се бори за медицинска помош на својата сопруга, која имала спонтан абортус. Бидејќи тие се Роми, ним им е потешко отколку на другите - тие се сиромашни и се маргинализирани поради предрасуди. Тие немаат здравствена каричка, ниту пак пари за да платат лекар, кој би ја третирал сопругата.

Доделувањето на наградата беше сензација. Преку ноќ Назиф Мујиќ стана ѕвезда. Кога се врати во Босна тој беше пречекан со овации. Пред влезот на селото Пољице беше ставена табла, на која пишуваше дека таму живее најдобриот актер во Босна и Херцеговина.

Враќање во Берлин

Deutschland Familie Mujic im Zimmer im Flüchtlingsheim

Семејството Мујиќ е во германско прифатилиште - ќе мора да се врати во Босна и Херцеговина

Така беше пред една година. Во меѓувреме Назиф е повторно во Берлин. Тој живее во соба од 30 квадратни метри заедно со сопругата Сенада (33) и нивните три деца. Собата е во прифатилиштето за бегалци „Гатов“ на крајот на Берлин. Во еден агол од просторијата има лавабо. Во неа има маса и неколку пластични столчиња, два каучи и еден кревет. Назиф тука ја чека својата судбина. Сребрената мечка, освен убави спомени, не му донела ништо друго. Тој некако се чувствува искористен, но не може да каже како.

„Другите прават други филмови, заработуваат пари, а јас? Каде останав јас“, се прашува Назиф.

Тој побарал азил и се надева дека ќе може да остане во Германија заедно со семејството. За тоа се заложува и директорот на Берлиналето Дитер Кослик, кој веќе го посети Мујиќ во прифатилиштето за бегалци. Ова е непријатна приказна, од која Кослик би сакал да се ослободи. Но, изгледите во моментов не се добри. Барањето за азил е одбиено, политички прогон не може да се препознае, а сиромаштијата не е основа за добивање азил, стои во образложението на одлуката. Назиф и семејството треба да се вратат во Босна и Херцеговина, стои во него.

Странец во сопственото село

Но, повеќе не е толку едноставно, бидејќи соседите и роднините во селото Пољице повеќе не зборуваат добро за нивниот херој. Неговите браќа Рашан и Хашим работат во комуналното претпријатие.

„Некој него го има лошо советувано. Тој тука имаше добра работа. Секогаш кога му требаше слободен ден за да даде интервју или да биде дел од некој телевизиски прилог, тој секогаш беше слободен. Тој постојано чекаше на нова улога, но тој не е актер“, вели Хашим, кој веќе 27 години работи како ѓубреџија.

Според него, неговиот светски познат брат имал една шанса. Во пролетта 2013-та година Назиф добил работа како аниматор на еден базен во Тузла.

„Но, тој работеше само еден месец, заработи 650 босански марки (околу 325 евра, н.з.) и си даде отказ“, објаснува директорот Мијад Поробиќ.

Das Dorf Poljice in Bosnien und Herzegowina

Во селото Пољице познатиот актер се критикува

Во средината на јуни 2013-та година Назиф бил вработен во комуналното претпријатие „Рад“ во околното гратче Лукавац. Таму заработувал 710 босански марки, што е добра плата за тамошните услови. Раководителот на ова претпријатие Сабахудин Касумовиќ ни го покажа планот за работа.

„Назиф за жал имаше повеќе слободни од работни денови, а по Сараевскиот филмски фестивал во октомври тој повеќе воопшто не се појави“, објаснува Касумовиќ.

Таблата на влезот во селото Пољице, која најавуваше дека тука живее најдобриот актер во Босна и Херцеговина, во меѓувреме исчезна.

„Назиф со сопругата и децата побегна во Германија и нѐ остави нас тука. Никој не се грижи што ќе биде со нас“, вели Алија Араповиќ, кој проси во градот за да си купи неколку компири.

„Тој беше нашиот ромски претседател и не требаше да се заложи за нас, за да ни се подобри животот. Но, тој мисли само на себе“, вели соседот Исмет Бабиќ, кој е разочаран од Назиф.

Во меѓувреме Назиф се надева на нова улога во која, како што вели, би покажал повеќе емоции. Сепак е неверојатно дека тој би добил таква шанса - ниту во филмската бранша, ниту во своето село.