1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Една капка не чини море, но капка по капка...

Елена Рибароска од Охрид неодамна наполни 90 години. Таа од 1973 година секој месец одвојува 300 денари за Црвениот крст. Која е мотивираноста оваа жена да им помага на луѓето?

default

Охрид

Елена од Охрид неодамна наполни 90 години, кој е рецептот за долговечност? - таа одговара: „На секому му посакувам да стигне до 90 години. Но треба многу внимавање. Не треба цела ноќ да се лумпува, треба животот да се живее. Денски да се работи, ноќе да се одмораш.“

Патот на животот понекогаш е многу чуден

Елена е родена пред девет децении во Романија. По татко е Бугарка, по мајка Романка. Сакала да стане калуѓерка ама, уште од мала ја таксале за Наум, Македонецот од Охрид. Тој во Букурешт бил пекар. Се зеле на невидено што се вели. Во животот се засакале и родиле два сина Климе и Ристо.

Потоа со ултиматум биле вратени во Југославија во Вршац, па во Охрид. „Плачев многу. Не знаев зошто, и маж ми не знаеше зошто не протераа. Се прашуваше – Што е со нас? не знаеме. Молчиме нема никој каде да се пожалиш. Се спакувавме. Во Вршац на граница, плачиме. Таму ниту Србите ниту Романците не ни помогнаа.“

Првата помош од Црвениот крст

Rotes Kreuz

По 300 денари за Црвениот крст

Климе, нејзиниот син денеска живее во Прага, вели: „Дојдовме во Охрид без документи, без огниште. Црвениот крст ни ја додели првата помош.“ - „Нашиот животен пат во Охрид започна само со два кревета кои што ни ги подари Црвениот крст. Во тоа има и малку вистина. Мајка ми еве плаќа толку години, можеби од виден сон, а можеби и од благодарност кон Црвен крст. Зашто кога ни беше најпотребно го добивме оној прв чекор.“

„Со вербата во Бога секој месец одвојувам по 300 денари за Црвен крст. Тоа ме прави среќна“, вели Елена. Во Црвениот крст во Охрид и приредија скромна свеченост со торта и ситни подароци. Ама таа и тој ден си го терала по свое: „Прво си отидов Св. Петка, се причестив, кренав леб таму и потоа отидов во Црвен крст. Имаше се’ најубаво беше. Ми донесоа и цвеќе. Ми направија голема чест.“

Елена живее без телевизор и радио

Ohrid

Охрид

Елена и денеска зборува македонски, а пишува на романски. Нема манастир и црква низ Македонија што не ја посетила. Стигнала и до Ерусалим. Признава дека никогаш немале телевизор дома. Имале радио. Но по смртта на сопругот, пред 26 години и тоа не засвирело. Контактот со светот го има само преку весниците. Сака многу да чита, пости. И се труди да јаде природна храна. И во виното додава по малку вода. Не пие од водовод: „Пијам само изворска вода,“ додава Елена.

Само Бог знае дали ќе ја дочекам 100-та година искрено и со насмевка зборува Елена Рибароска: „Не знам. Фала му на Бога. Тој знае, јас сега ... не. Еве, сега и 90 кој може. Никој. И велам на жената што ме шета: Ти ме гледаш, мислиш дека јас сакам да се шетам. А таа ми вели – ’Ех да живеам јас како тебе, толку години’. И не можете да живеете со оваа брзина. Ова да имам, ова да имам. Е не може. Треба да си умерен во се.“

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска