1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Една година по воениот пуч во Мали

Се’ започна со воен пуч, а заврши со странска воена интервенција. Западноафриканската држава преживеа тешка година. Сега е прашање дали таму повторно има шанса да се изгради слободна и демократска држава?

Најпрво организираа еден протестен марш. Војниците од касарната во Кати беа незадоволни од владата и од своите генерали. Армијата не е добро вооружена во борбата против бунтовниците на северот на Мали, сметаа војниците. А потоа случувањата на 21 март 2012 година почнаа да се одвиваат со молневита брзина. Војниците, под команда на капетанот Амаду Саного фрлаа со камења по еден генерал кој сакаше да ги одврати од маршот, потоа земаа шест оклопни возила и тргнаа кон претседателската палата во главниот град Бамако.

Така од протестниот марш се роди пуч. За само неколку часа пучистите ја зазедоа претседателската палата. Претседателот Амаду Тумани Туре се сокри и власта одеднаш ја презеде еден обичен офицер, капетанот Саного.

Потоа исламистите и бунтовниците од племето Туарег ја искористија слабоста на армијата и политичкиот хаос во Бамако за да ја преземат контролата врз северниот дел на земјата. Туарезите таму сакаа да создадат сопствена држава, но исламистите беа посилни па на северот на Мали воспоставија владеење на насилство и го воведоа шеријатското право. Поради тоа стотици илјади луѓе избегаа во соседните земји или во Бамако.

Mali Junta Amadou Sanogo April 2012

Капетанот Амаду Саного

Бегалците се враќаат

Една година подоцна, на автобуската станица во Бамако повторно има турканици. Патниците стрпливо стојат и чекаат, но овојпат за купување карти за враќање. „Ние сме тука одамна. Тука на југот не се чувствуваме добро“, вели еден од патниците и додава: „мораме назад во татковината. Таму е сега мирно“.

Француската армија заедно со единици од Чад и од Западноафриканската заедница тргна во борба против исламистите на северот на Мали. Претходно, Обединетите нации, Западноафриканската заедница и Африканската унија со месеци преговараа за воениот ангажман на африканските единици. Кон средината на јануари, француските авиони и хеликоптери почнаа да ги бомбардираат позициите на исламистите за да го спречат нивното напредување кон Бамако. Оттогаш бунтовниците беа протерани од сите поголеми градови на северот. Во акцијата се вклучи и германското воздухопловство, кое се грижеше за префрлање на единиците на западноафриканската унија. Германија натаму ќе се вклучи и во европската мисија за обука на војниците, која ќе започне во април годинава.

Ангажманот на европските војници секако ќе биде неопходен подолго време од планираното. Критичарите предупредуваат дека размерите на судирот се преголеми и дека политичката состојба во Бамако е нестабилна, па малкумина веруваат дека за стабилизирање на состојбата ќе биде доволна една година. Тие потсетуваат на Авганистан каде странските војници се стационирани повеќе од 10 години. Слично како и во Авганистан, исламистичките бунтовници се повлекоа во непристапните планински предели на североистокот на Мали.

Притисок за избори

Mali Flüchtlinge in Mauretanien

Бегалци од Мали во Мавританија

Претседателот Дионкунда Траоре се обидува да воспостави стабилна политичка состојба. Тој до април 2012 година беше претседател на парламентот, а на сегашната функција го поставија соседните држави со цел да го тргнат пучистот Саного. Поради тоа што не е избран на функцијата, европските држави вршат притисок демократски избори да се одржат што побрзо. Конечно парламентарните и претседателските избори се најавени за јули годинава.

Џенеба Траоре, шефица на Германскиот институт за западна Африка вели дека е скептична дека изборите можат да се организираат толку брзо. Таа сепак се надева дека следните 12 месеци во Мали ќе минат помирно одошто претходната година. Едно е засега сигурно: капетанот Саного нема да го попречува воспоставувањето на демократскиот систем. Тој најави дека нема да се кандидира на изборите.