1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Една година од најкрвавиот бунт на арапската пролет

Востанието против сирискиот претседател Башар Ал Асад денеска полни една година и во меѓувреме стана најдолго востание на арапската пролет. Светот останува поделен за можните решенија.

default

Борбите во Сирија продолжуваат

Сирија ја одбележува првата годишнина од почетокот на востанието против претседателот Асад, со статус-кво состојба на теренот и без дипломатско решение на повидок. Трупите лојални на Асад неделава презедоа голема офанзива против бунтовничките упоришта и успеаја да извојуваат победи во две од нив.

Според агенциите, постојат повеќе знаци кои укажуваат на тоа дека сириската опозиција се распаѓа, а последниот е одлуката на двајца еминентни дисиденти да ја напуштат главната опозициска група Сирискиот национален совет. Опозицијата уште од самиот почеток е зафатена со внатрешни поделби и борби за превласт.

Спласнуваат и надежите околу Анан

Надежите дека именувањето на специјалниот пратеник на ОН и Арапската Лига, Кофи Анан ќе помогне во дипломатското решение на кризата досега не се материјализираа. Анан утре треба да го извести длабоко поделениот Совет за безбедност на ОН за резултатите од неговите разговори со Асад. Во клучното тело на светската организација и натаму се води битка меѓу западните земји кои бараат порешителна акција против Асад, наспроти Русија и Кина кои се залагаат за исклучиво дипломатско решение.

Syrien-Sonderbeauftragter Kofi Annan mit Präsident Bashar al-Assad in Syrien

Специјалниот пратеник на ОН Кофи Анан разговара со сирискиот претседател Башар Ал Асад

Американскиот претседател Барак Обама вчера најави дека разгледува воени опции за помош на бунтовниците, но засега ја исклучи можноста за директна воена интервенција. На другата страна, Русија соопшти дека и понатаму ќе ја снабдува Сирија со оружје, иако министерот за надворешни работи Сергеј Лавров потенцира дека се работи за оружје кое режимот на Асад би го користел само за одбрана од надворешна загрозеност.

Обединетите нации јавуваат дека повеќе од 8 илјади луѓе, претежно цивили, ги загубиле животите во судирите во изминатите 12 месеци. Околу 230 илјади морале да ги напуштат своите домови, додека 30 илјади побегнале во странство. Амнести интернешнл објави извештај во кој се тврди дека сириските безбедносни сили вршат невидена тортура врз оние кои не му се лојални на режимот. Извештајот се темели на изјави на Сиријци кои ја напуштиле земјата од почетокот на бунтот.

Автор: Борис Георгиевски/ртр/ап

Редактор: Симе Недевски