1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Една година од изборот на Бенедикт 16

Денеска се навршува една година од изборот на германскиот кардинал Јозеф Рацингер за наследник на Папата Јован Павле Втори. Една година Бенедикт 16-ти. Александер Кислинг прави осврт и ги сумира акцентите што досега ги постави новиот Папа:

Една година на чело на Ватикан

Една година на чело на Ватикан

„Хабемус папам....Рацингер„

Во Германија на ова новост не се реагираше многу позитивно: Кардиналите за наследник на Јован Павле Втори го избраа токму Јозеф Рацингер, шефот-догматик и кочничар на реформите во Ватикан. Со тоа католичката црква дефинитивно се сврте в десно, се оддалечи од модерната кон строг обичаен фундаментализам: вака можеа да се сумират повеќето германски реакции за изборот на новиот папа на 19 април 2005 година. Слично беше и ехото во соседните земји. Еден весник напиша дека Рацинегр е продолжена рака на средниот век кој за вечни времиња ќе го цементира Вториот ватикански концил.

Меѓутоа, првите искази на Бенедикт 16-ти наидоа на слух. Тој има намера со едноставност и подготвеност да ја исполнува својата служба, во апсолутна верба и посветеност. Значи, решавачките основи гласеа: континуитет, верба и внатрешен пресврт. Од него прозрачи програма исполнета со барања што му дава профил на неговиот понтификат. За Јозеф Рацингер континуитетот значи и потрага по дијалог со другите религии и сфаќања. Неговиот претходник негуваше дијалог со верниците од сите правци: со протестантите, со католичките традиционалисти, со Евреите и Муслиманите.

Уште како универзитетски професор, Рацингер застапуваше „теологија на еден сојуз„. Еврејството и Христијанството според таа теорија не се две разделени религии: тие многу повеќе заедно претставуваат сојуз што Господ го склучи со луѓето. Значи, не беше воопшто случајно што едно од првите писма на Бенедикт беше упатено до римскиот врховен рабин; никаква случајност што повеќепати се сретна со претставници на еврејството, како и во една синанога во Келн:

„И во оваа пригода сакам да ве уверам дека имам намера со сета сила да го продолжам патот на подобрување на односите и пријателството со еврејскиот народ за што решавачките чекори ги направи Папата Јован Павле Втори. Страшните настани од порано мораат да ја одржуваат будна свеста, да завршат конфликтите и да предупредуваат на мир„.

Теолошки односите со исламот не се слични. Бенедикт во врска со тоа го повтори ставот на Вториот ватикански концил дека и Муслиманите се молат на „единствениот Бог„. За време на светскиот ден на католичката младина во Келн тој прими во аудиенција и претставници на муслиманските организации. Во спорот околу карикатурите покажа разбирање за мирните протести. На мароканскиот амбасадор во Ватикан му рече дека верниците не смеат да станат цел на провокациите што ги повредуваат нивните религиозни чувства. Но, од друга страна, рече Папата, нетолерантноста и насилството никогаш не можат да се оправдаат како реакција на навредите.

Истовремено, Бенедикт е против сите тенденции што не се во тесна врска со христијанските пораки со католичка содржина. Тоа значи: отпор против таканареченото „општество на благосостојба„, подеднакво како и против омразата кон странците,смртната казна, експериментите со ембриони, против активна помош во смртта и војната. Така, во велигденската порака во неделата тој упати апел за запирање на насилството во Ирак:

„Во Ирак конечно треба да победи мирот врз трагичното насилство кое и натаму зема жртви„.

Тој им се обрати и на страните во конфликтот на Блискиот исток и ги охрабри на дијалог:

„Меѓународната заедница која го поддржува правото на Израел на постоење и мир, може да му помогне и на палестинскиот народ да ја надмине мизеријата во која живее и да ја обезбеди неговата сопствена иднина на патот кон вистинска сопствена држава„.

Бенедикт 16-ти тежиштето го става и врз внатрешниот пресврт. Се мисли на смирување врз основите на верата. Кон таа цел служат како реформата на Куријата, намалувањето на ватиканскиот апарат, така и на откажувањето од сјај и помпа. Ионака Папата Бендеикт 16-ти се однесува многу скромно. На пример, кога се обрати по именувањето за Папа. Тој избор го прими како голем предизвик: „Патот на Господ не е пријатен, но ние и не сме за пријатност, туку за создавање големина и добро„.