1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Една година без Ејми Вајнхаус

Денеска (23.07.) се навршува една година од смртта на британската пејачка Ејми Вајнхаус, која на 27-годишна возраст беше пронајдена мртва во својот стан во Лондон. Таа почина еден месец по неуспешниот концерт во Белград.

Обдукцијата покажа дека британската соул дива, која долго време се бореше со зависноста од други и алкохол, починала од труење со алкохол. Со тоа светот загуби една од најталентираните пејачки од младата генерација. Во крвта на Еми Вајнхаус беше пронајдено ниво на алкохол кое е за петпати поголемо од границата на пијанство.

По нејзината смрт се продадени 1,7 милиони копии од нејзините албуми, а нејзиниот татко Мич Вајнхаус напиша книга со наслов „Ејми, ќерка“ (Amy, A Daughter) и формираше хуманитарна организација со нејзиното име. Заработката од мемоарите ќе биде ставена на располагање на фондот „Ејми Вајнхаус“, кој беше основан на 14-ти септември, роденденот на британската пејачка.

Најголем дел од времето по смртта на Ејми, Мич мораше да ја брани својата ќерка од наводите дека се самоубила или оти се предозирала, поради долгогодишната борба со зависностите.

„Најпосле успеав да сознаам колку таа всушност била брилијантна. Се надевам дека еден ден ќе бидам во состојба да ја слушам нејзината музика и да ги гледам спотовите, оти така сакам да ја паметам“, изјави Мич Вајнхаус, додавајќи дека неговата ќерка била „добро дете, многу силна личност“, имала многу слабости, но била прекрасна девојка.

Татко и’ не може да ги слуша песните

Amy Winehouse Flash-Galerie Ehemann Blake Fielder-Civil

Песните од вториот албум се посветени на поранешниот сопруг на Ејми Вајнхаус, кој ја вовлекол во зависности

Еден месец по нејзината смрт албумот „Back to black“ забележа рекордна продажба и стана дотогаш најпродаваниот албум во 21-от век. Татко и’ не може да ги слуша тие песни.

„Тоа е така, затоа што сите песни од тој албум, освен ’Rehab’, се за нејзиниот поранешен сопруг Блејк и за сите грозни работи што и’ ги направи“, напиша Мич Вајнхаус во текст за Хафингтон пост.

Тој откри планови да се објават уште два албуми од Ејми Вајнхаус, затоа што зад неа останале приличен број песни, кои не се нашле на претходните албуми.

„Не сум сигурен колку песни останаа, но мислам дека има за два нови албуми. Постојат голем број обработки, а не сакаме никого да го украдеме. Кога гледам колку и’ се верни обожавателите не можам да дозволам се’ и сешто да се објавува“, додава Мич.

Пред една година, телото на Вајнхаус го пронајде чуварот, кој ја оставил пет часа сама во собата. Ендрју Морис изјави дека најпрво мислел дека 27-годишната пејачка спие, но малку подоцна забележал дека таа воопшто не се мрда. Еден месец пред смртта стана јасно дека Ејми ги откажува сите концерти закажани за европската турнеја, под образложението „неспособност да се настапи на соодветното ниво". Ова се случи по скандалот на концертот во Белград, кога таа се појави на сцената пијана и не беше во состојба воопшто да пее и да се сети на своите стихови. Тогаш Ејми Вајнхаус беше исвиркана од публиката и критикувана од медиумите.