1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Една величествена кариера доживеа крај со горчлив вкус

Јан Улрих, единствениот Германец кој победи на Тур д’Франс, ја заврши кариерата како спортист; сега ќе биде советник на второкласната австриска велосипедска екипа Фолксбанк

Јан Улрих на прес-конференцијата

Јан Улрих на прес-конференцијата

На прес-конференција Јан Улрих вчера во Хамбург соопшти: “Сакам денеска официјално да објавам дека останувам во велосипедскиот спорт, но веќе не како активен професионален возач”. Наместо на патиштата да се бори за место на победничкиот подиум, Јан Улрих последните осум месеци се занимава со правни натегања: истражните кривични постапки против него во Германија и Швајцарија се’ уште не се завршени.

На минатогодишниот Тур д’Франс беше исклучен непосредно пред почетокот на трката - а веднаш потоа и од тимот Те-мобајл, под сомнение за допинг. Според шпанските иследници, и Улрих бил клиент на шпанскиот лекар Еуфемиано Фуентес, кој многумина во спортот снабдувал со допинг-средства. “Немам што да си префрлам самиот на себе си. Во целата кариера никого не сум измамил, и никому не сум му наштетил. Тоа можам со гордост да го кажам” – рече вчера Улрих.

Но, зошто толку долго одбиваше да даде проба на ДНА? Ако, како што вели, не им верувал на шпанските иследници, зошто веднаш не им се обрати на германските власти за брзо да докажат дека не е виновен и да може повторно да вози на трки? На Улрих му се виновни сите други – на прес-конференцијата беспоштедно се пресмета со медиумите, со претседателот на германскиот велосипедски сојуз, со експерти за дроги или правни експерти.

Огорчен е што најголемиот број од неговите колеги-велосипедисти осомничен за допинг повторно возат. Тоа не значи безусловно и дека прекорите против нив биле неосновани. Инаку, самиот Улрих во 2002-ра беше суспендиран на шест месеци поради користење дрога екстази.

Зад Јан Улрих останува величествена спортска кариера: на 19-годишна возраст стана аматерски светски првак во велосипедизам. Професионален возач е од 1995-та. Две години подоцна, како 23-годишен, победи на најзначајната велосипедска трка на светот Тур д’Франс, а уште пет пати беше второпласиран. Во 1999-та и во 2001-ва беше светски првак во возење на хронометар, во Сиднеј 2000-та стана олимписки шампион.