1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Едната црна кутија на урнатиот авион е многу оштетена

Црните кутии од авионот на “Хелиос Ерлајнс“ кој се урна во близина на Атина ќе бидат читани во Париз. Црната кутија која ги снима гласовите и шумовите во кокпитот на авионот, пронајдена денеска, е многу оштетена. Во тек е идентификација на жртвите, меѓу кои има 21 дете.

Дел од урнатиот авион

Дел од урнатиот авион

Дешифрирањето на двете црни кутии ќе трае околу еден месец. Медиумите шпекулираат дека е можно авионот да имал сигурносни проблеми. Хелиос Ерлјанс тоа го демантира. Грчката влада исклучи можност авионот да бил цел на напад. Властите претпоставуваат дека за време на летот од Ларнака кон Атина, веројатно откажал клима – системот и во авионот снемало кислород. Пилотите загубиле свест. Откако снемало гориво, боингот 737-300 се урнал во ридестиот предел на десет километри североисточно од атинскиот аеродром. СМС пораките што патниците во авионот ги испратиле до своите роднини пред уривањето, говорат дека во леталото се одвивала вистинска драма. Братучед на еден од патниците во авионот, добил СМС порака со следнава содржина: “Пилотите се во бесвесна состојба. Братучеду ти велам живеј добро. Ние смрзнуваме.“ Дека копилотот загубил свест, потврдуваат и изјавите на пилотите на борбените авиони “Ф16“ што Грција ги испрати во пресретнувачка мисија. Откако тие по неколку маневри виделе дека нема одговор од цивилниот авион, му се приближиле и виделе како копилотот е наведнат над својот стол, веројатно без свест, додека пилотот не бил во кабината.

Маркус Киршнек, портпарол на германското Здружение на пилотите,“Кокпит“ вели: “Во овој момент е целосно исклучено дека можат да се донесат сериозни заклучоци околу тоа што се случило.“

Киршнек, сепак, додава дека колку повеќе детали за несреќата излегуваат на виделина, таа станува толку помистериозна.

Во Атина веќе почна идентификацијата на жртвите. “Оваа машина беше летечки сандак. Го загубив синот“, изјави еден од луѓето. Друга жена раскажува дека и загинале синот, снаата и внучето. Роднините на жртвите бараат жестоки казни за одговорните. Уште вчера, налутената толпа на аеродромот во Ларнака ги обвинуваше претставниците на Хелиос дека се убијци и дека пуштиле во сообраќај расипан авион.

На Кипар, во повеќе радио и телевизиски станици се јавија луѓе кои тврдат дека во последните месеци имале проблеми со климата кога летале со авиони на компанијата Хелиос. Некои велат дека во авионите било толку студено што екипажот им делел ќебиња. Други,пак, говорат за голема топлина во авионите. “Хелиос Ерлајнс“ е првата приватна авиокомпанија на Кипар, основана во 1999 година. Таа има авиони од типот 737 и нуди летови од Кипар кон многу европски дестинации.