1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Единствената Србинка во Смач

Јаворка Недељковиќ, е единствената Србинка во некогашното мешовито село Смач, десет километри од Призрен. Соседите Албанци и помагаат колку можат и жалат, што и останатите Срби не се враќаат во Смач.

Смач е село во општина Призрен, во кое пред војната во Косово заедно живееја Срби и Албанци. Сега, 14 години подоцна, меѓу неколкуте албански фамилии со католичка вероисповед, живее и Јаворка Недељковиќ, единствената Србинка во селото. Едноличен е животот на оваа старица по потекло од Видања, близу Клина. Вели дека секој ден и‘ е ист. „Имам радио, седнувам на креветот и молчам по цел ден“.

Иако со собрани средства од хуманитарни организации и‘ е изградена монтажна куќа, живее многу тешко, на работ на човечкото достоинство. „Нема кој да те види, освен Бог. Само Спаса Андрејевиќ ми помага. Живеам од 40 евра кои ги добивам и не ми стигнуваат за еден месец“, се жали Јаворка.

Спаса Андрејевиќ е службеник во општинската Канцеларија за заедницата и враќање во Призрен. Вели дека случајот на Јаворка Недељковиќ е „најтешкиот случај во српската заедница“. „Нашата канцеларија се обидува да помогне толку колку што може. Веќе неколку години наназад успеваме да и‘ обезбедиме брашно за леб и огрев. Таа е вклучена заедно со жителите од селото Новак (соседното српско село) така што никогаш не е испуштена кога е во прашање каква било помош“.

Добредојдена кај соседите Албанци

Повеќето соседи Албанци тврдат дека често ѝ помагаат на Јаворка. Меѓу нив е и претседателот на месната заедница, Фран Дани. „Таа е добредојдена во секое семејство, на кафе, на ручек...Колку што можеме ѝ помагаме и ја дочекуваме. Очекуваме подобри денови и враќање на нашите српски соседи. За нив се изградени осум куќи, но никој не живее во нив со години наназад. Не знаеме зошто. Не се под притисок, земјата не ја продадоа, бевме добри пријатели и соседи... Зошто не се враќаат треба нив да ги прашате“.

Андрејевиќ за ова прашање кажува нешто различно и тврди дека Недељковиќ „има некои проблеми“. „Со оглед на тоа дека имотот ѝ е на некој начин узурпиран од соседите, треба барем да и‘ даваат жито или нешто пари, стока, за да не страда за храна... Од друга страна, има и позитивни случаи, па некои од соседите и‘ носат готова храна дома или ја викаат на ручек во нивниот двор“.

Das albanische Dorf Smac im Kosovo

Жителите во селото со носталгија се присетуваат на животот пред војната во Косово

Србите не ја продаваат земјата, ама не се ни враќаат

Србите кои пред војната живееја во Смач ретко доаѓаат во своето родно село. За разлика од многуте други сонародници скоро од цело Косово, тие не ги продаваат своите имоти. Жителите во селото, вклучувајќи ја и Јаворка Недељковиќ, со носталгија се присетуваат на животот пред војната во Косово, кога, како што велат, сѐ било поинаку. „Пред војната беше подобро илјада пати повеќе, сега ништо не вреди“, вели Јаворка.

Слично кажува и нејзиниот сосед Дани, претседателот на месната заедница. „Ние и пред и за време на војната добро живеевме со Србите во селото. После војната заеднички проблеми ни беа патот, вода, училишта, ученици, кои ги има сѐ помалку. Би сакале да се врати секое српско семејство, како што беше и порано“.

Кога би имало повеќе Срби во Смач, смета Јаворка, и нејзе животот би ѝ бил подобар и полесен. Затоа, и покрај проблемите кои ги има, им порачува: „Нека се вратат“.