1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден тажен крај за Први мај

Синоличка Трпкова
4 мај 2018

Комотноста во државниот и невладниот сектор со бесмислени и измислени партиски вработувања и високи државни плати/хонорари што не создаваат ништо, го уништува и она здравото во приватниот сектор, на чиј грб се егзистира.

https://p.dw.com/p/2x9mN
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Овој Први мај, за жал, престана да работи една текстилна фабрика во Македонија. Причината е едноставна – не е одржлива во еден пазарен, капиталистички систем. На пазарот, за жал, нема милост. Истите „лоши“ работи им се случуваат на многу бизниси и добри луѓе страдаат. Со години слушаме за борбата за правата на работниците, за лошите услови за работа, за неплатени придонеси, за неисплатените со месеци, мизерни плати, за уцени, откази. Но, приказните за „ужасот” во текстилот треба да се чујат и од другата страна – од онаа на „газдите”. Нив обично не ги слушаме и гледаме, освен ако не се јават со писмо или обраќање до јавноста, обично за да одговорат на обвинувањата. Борбата за да се преживее во текстилот е безмилосна. Ако си почнал домашна текстилна продукција во изминатите десет години, по европски и модерни правила, и ако си работел по сите закони, прогнозата за опстанокот на бизнисот е сепак неизвесна и наликува на лотарија.

Мачен и неизвесен бизнис

И директорот на фабриката и работниците остануваат без работа. Но исто така и инвеститорите го губат тоа што го вложиле, зашто со инвестицијата преземале ризик. Во овој случај, за жал, сите изгубиле и никој не станал побогат, не купил мерцедес, куќи, станови, не бил на одмор на Хаваи, не отворил тајни сметки. Биле вработени 130 луѓе што издржувале семејства во изминатите девет години. И тоа е сиот „ќар” од вложената инвестиција и макотрпната работа. Тие работници стекнале вештини да произведат квалитетен производ, по светски стандард. Оваа несреќна приказна завршува од едноставна причина – бара бесконечно исцрпувачка работа, но не што не носи профит, туку носи загуба! Состојбата во текстилот кај нас е сѐ потешка за нови, мали и средни домашни текстилни фирми. Оние постарите, од почетоците на транзицијата, успеале можеби некако да се стабилизираат, да опстојат повеќе од дваесет години на пазарот, почнувајќи во едно друго време, со други „правила” на игра, и да влезат во новите, несигурни води со добар капитал зад себе. Истото важи и за новите странски инвестиции, со мајки-фирми од некоја европска земја отворени во „златното” време на претходната власт, несебично поддржани од државата.

Кога фирмата застана на нозе, се соочи со светската пазарна криза. Надворешниот клиент го презедоа нови сопственици и воведоа нови, штедливи политики. Ја напуштија фабриката, со кратко образложение - нашле начин за поевтино производство, со поевтина работна рака. Производот направен во Македонија, во споредба со надворешниот пазар, за нив беше прескап. Дојдоа нови клиенти. Цената на новиот производ беше пониска, новиот производ поедноставен, но неефикасноста на работниците и проблемите во производството останаа. Беше едноставно неможно да се достигне потребната продуктивност во работата. Затоа овде речиси никој веќе не сака да работи во текстилот, зашто овој  бизнис е мачен и неизвесен.

Пропаѓање пред очи

Ја познавам и фабриката и работниците, зашто живеев и самата од почетокот до крајот во оваа приказна, што и за мене лично прерасна во семејна голгота. Оваа фабрика беше и заедничка инвестиција на моето семејство. Многу знаење, искуство и енергија беа вложени во неа. Директорот на фабриката, мојот сопруг, прв доаѓаше на работа, и секој ден последен си одеше. Ги гледав одблиску сите радости и разочарувања, стравови и надежи, можеби во најлошото и најтешко време што сме го доживеале во Македонија. Ги сетив на своја кожа сите спинови, злоупотреби и гадости вон и на социјалните мрежи поради моите јавни ставови и размислувања за општествените состојби. Ги знам и маките на работниците, но и непроспиените ноќи на моето семејство. Она чувство кога не знаеш дали ќе можеш да дадеш плата на време или дури воопшто – не би го посакала на никој што сака чесно да работи. Кога оваа ситуација ќе потрае подолго, треба да се запре.

Други колумни од авторката:

За влегувањето на пролетта во еден болнички ходник

Тивкиот убиец на државата

 

Засмрдени од опашот

Менталитетот на овие простори исто така влијае врз професионалниот ангажман на луѓето. Неможноста да се создаде тимски дух и посветеност во производниот процес беа дополнителни причини за лошите резултати. Споредбено со други земји и искуства - стоиме ниско на овој план. Транзицијата, освен што ги осиромаши работниците, полека им го одзема и квалитетниот „труд”, нивната единствена егзистенцијална алатка. Негрижата за условите за работа, недоволното инвестирање во производно-образовните процеси и технологија, ги онеспособија и работникот и текстилниот сектор. Лошите примери во текстилната индустрија ја дотолчија и последната шанса за подобрување на состојбите. Затоа и тоа што навистина е вредно и чесно во домашниот текстил, за кое можеби можела да се развие стратегија и план за одржување – пропаѓа пред наши очи.

Другата страна

Би сакала да можев да раскажам успешна приказна за празникот што измина, приказна што ќе нѐ охрабри сите. Не сум експерт во оваа област, но живеејќи со човек што цел живот работел во вакво производство ширум светот, научив многу. Научив колку е тешко да создаваш во приватниот сектор, особено во текстилот кај нас, да бидеш и креативен и одговорен за вработените, за клиентите, за инвеститорите, за квалитетот и квантитетот на производот. Да бидам искрена – комотноста што ја имаме во државниот и невладниот сектор, со бесмислени и измислени партиски вработувања, со високи државни плати/хонорари - што не создаваат ништо, го уништува и она здравото во приватниот сектор, на чиј грб и од чии придонеси се егзистира. Дури и оние што здушно ги штитат и се борат за правата на работниците не ја знаат другата страна на медалот. Ги разбирам и нивниот активизам и идеологија, но, за жал, тоа нема да ја подобри многу позицијата на работникот, без соочување со суштинските проблеми за коишто не се зборува.

Сигурно ќе чуете и прочитате поинаква верзија на оваа приказна, во која „газдата” - директорот, ќе биде виновен за сѐ. Ќе се согласам и со нив, зашто вината за секоја ваква приказна, со тажен или среќен крај, секогаш ќе биде пред сѐ заради одговорноста што ќе ја понесе тој самиот. И овој, и секој следен Први мај!