1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Еден месец без Осама Бин Ладен

На 2. мај осамна веста, која многумина, особено во САД, долго време ја чекаа - Осама Бин Ладен е убиен во тајна операција на американските командоси во Пакистан. Еден месец подоцна, дали нешто се промени откако го нема?

default

Операцијата на американските командоси на 2. мај, која беше чувана во строга тајност, ги затегна односите меѓу САД и Пакистан до точка на вриење. Американската министерка за надворешни работи, Хилари Клинтон, при нејзината најнова посета на Исламабад истакна:

„Веќе една деценија во Пакистан живеат најзлобните терористи на цел свет. Сега очекуваме владата да преземе јасни чекори.“

Американците ја нападнаа куќата на Осама Бин Ладен во местото Аботабад, без за тоа да го известат пакистанските власти. Според Вашингтон, дел од армијата и од моќните служби за разузнавање најверојатно самите биле вклучени во заштитата на лидерот на Ал Каеда. Пакистанскиот парламент, пак, ја осуди акцијата на Американците како повреда на државниот суверенитет. Воената и политичка елита со сите сили демантира дека Пакистан е држава на терористите. Министерот за внатрешни работи, Реман Малик, во едно интервју истакнува:

„Никој не смее да се осмели да помисли на тоа да го повредува нашиот суверенитет. Можеме во секое време да одговориме на нападот. Кога станува збор за борбата против тероризмот, тогаш тоа е заедничка борба.“

NO FLASH Osama bin Laden Haus

Куќата во која живеел Бин Ладен

Потребна е офанзива од поинаков карактер

Од 2. мај наваму, Пакистан несигурно се обидува да покаже сила, иако неговата позиција и натаму слабее. Земјата страда од радикалниот исламизам и нејзиното преживување зависи од милијардите што ги добива од Западот. Армијата и службите за разузнавање ги сочинуваат двата најважни столба на државата, но и тие не можат да се одржат без помошта од САД. Вашингтон отворено се закани дека ќе ја замрзне помошта за Пакистан, иако Западот не може да си допушти уште поголемо ослабување на веќе тешките односи со Исламабад. Може да се каже дека операцијата на Американците за ликвидација на Бин Ладен имаше пред се` политички и дипломатски последици - меѓутоа малку промени кога е насилството во Пакистан и Авганистан во прашање.

Владите на тие две земји се корумпирани, младите луѓе тонат во бесперспективност. Тоа не може да го промени ниту една воена акција - било да е копнена, како во Авганистан, или со беспилотни воени авиони и многу пари во Пакистан. На земјите им треба вистинска офанзива во областа на образованието и развојот. Но, за тоа да се оствари, сите играчи ќе мора да ги извадат картите на маса.

Автор: Сандра Петерсман/Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM