1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет се’ уште страда

Во Египет денеска се одржуваат големи протести на втората годишнина од почетокот на револуцијата против режимот на Мубарак. Еден од учесниците на тие настани го раскажува своето искуство и очекувањата за иднината.

Плоштадот Тахрир е целосно ограден. Бодликава жица и вреќи со песок треба да спречат немири и судири со демонстрантите. На двегодишнината од почетокот на револуцијата, плоштадот и натаму е центар на протестите против државното раководство, со таа разлика што денес револтот е насочен кон владеењето на Муслиманското братство.

Ибрахим Кендериан има 26 години. Денот на бесот, како што се нарекува 25 јануари 2011 година, тој го минал во Александрија. Оттаму демонстрациите се проширија низ целата земја. Ибрахим се префрлил во Каиро. На 28 јануари Кендериан учествувал во големиот протестен марш кон плоштадот Тахрир. Попат насилството ескалира и тој ден ќе остане запатемен како еден од најкрвавите улични судири во текот на револуцијата.

„Полицијата употреби се’ што имаше на располагање: гумени куршуми, солзавец, вистинска муниција, за на крајот да нападнат и со своите транспортни возила врз демонстрантите“. Едно полициско возило прегазило две млади момчиња пред неговите очи. Но, демонстрантите увиделе дека нивниот број е огромен и не застанале додека не стигнале до Тахрир. Многумина од нив ја платија храброста со своите животи.

Падот на Мубарак ништо не промени

Ibrahim Kenderian

Ибрахим Кендериан

Но, падот на Мубарак не значеше и крај на протестите на Египќаните против власта со барање за поголема слобода и социјална правда. Судирите продолжија и во изминатите две години, се’ до денес. Како и многу други негови сонародници и Ибрахим е разочаран од развојот во земјата во последните две години. Мубарак падна од власт, војската не е повеќе инволвирана во секојдневната политика и се одржаа избори. Но, во меѓувреме на власт дојдоа исламистите. Тие ги ограничија слободите, со новиот Устав длабоко ја поделија земјата и ништо не презедоа во однос на сиромаштијата. Надеж за подобра економска состојба речиси и да нема. Ибрахим нема високо мислење за претседателот на државата Мохамед Мурси и за Муслиманското братство:

„Тие ништо не менуваат. Ништо не знаат и никого не слушаат. А, луѓето умираат. Тие сакаат само да преживеат и да имаат нешто за јадење“.

Но, токму проблемите кои ја оптоваруваат земјата му даваат надеж на Ибрахим дека нешто можеби ќе се промени на подобро. Многу луѓе почнуваат да сфаќаат дека Муслиманското братство не е она за што се претставува и не е способно да ја поправи состојбата. „Доброто е тоа што тие самите се уништуваат. Преку сопствените грешки ќе паднат како што падна и Мубарак. Тоа е единственото позитивно. Мислам дека е дојдено време да се бара лидер на револуцијата“.

Разединета опозиција

Mohammed Mursi

Мохамед Мурси

Но, тоа е полесно да се каже отколку да се стори. Опозицијата е далеку од обединета. Тие се единствени само во ставот дека Муслиманското братство е неспособно и опасно. Од познатите опозиционери како Мохамед Ел Барадеј или Хамдиен Сабахи, Ибрахим е разочаран. Пред се’ Ел Барадеј ја имаше сета доверба на револуционерите. Но, тој никогаш не претстави некоја иницијатива или визија за иднината на земјата.

Втората годишнина од револуцијата за Ибрахим е почетна точка за нов бран протести. Се’ повеќе Египќани, богати или сиромашни, се незадоволни од политиката на Муслиманското братство. „Она што се случува е многу опасно. Како да се сме пред нуклеарна експлозија. На 25 јануари ќе почне и очекувам дека на 26, 27 и 28 јануари ќе се случат големи насилства и тоа се’ до крајот на Муслиманското братство“.

Сепак, нема никакви јасни најави што ќе се случува на годишнината. Многумина Египќани посакуваат малку мир и стабилност во земјата без натамошни насилства. Но, притисокот врз Муслиманското братство да ја подобри состојбата на граѓаните е драматично зголемен.