1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет се‘ повеќе тоне во хаос

Во Египет вчера (16.08) се исполнија најмрачните стравувања - „Петокот на гневот“ однесе најмалку 80 жртви. Ноќеска полицијата блокираше стотици приврзаници на екс-претседателот Мурси во една џамија.

Во египетскиот главен град Каиро исламистичките демонстранти и натаму се спротивставуваат на барањето на полицијата за напуштање на џамијата Ал-Фат. По повеќечасовните преговори, денеска изутрина (17.08) првите приврзеници на Мурси ја напуштија џамијата, но во неа остануваат уште над 700 луѓе, тврдат очевидци за ТВ Ал Џазира. Тие се плашат од полицијата.

Во египетската престолнина Каиро, на плоштадот Рамзес синоќа дојде до ескалација на и онака тензичната состојба. Во џамијата Ал-Фат полицајците заклучија стотици следбеници нa соборениот претседател Мохамед Мурси. Во соопштението објавено преку државната новинска агенција Мена стои: „Вооружени елементи пукаа од џамијата врз безбедносните сили“. Приврзениците на Мурси напротив ја обвинуваат полицијата за отворање оган врз нив. Две телевизиски станици прикажаа снимки на војници во џамијата, веројатно при преговори со демонстрантите.

Ägypten Protest Muslimbrüder 16. August 2013 DW Sailer

Протестите ќе продолжат, најави Муслиманското братство

Во текот на целиот вчерашен ден доаѓаше до крвави судири меѓу собраните исламисти и египетските сили за безбедност. Без оглед на укажувањето дека полицијата смее да пука врз граѓаните во случај на примена на сила или грабежи, на улиците на протести повторно излегоа десетици илјади приврзеници на Мурси. Нереди имаше не само во Каиро, туку и во Александрија, во Бени Суеиф и во туристичкиот град Хургада на Црвеното Море. Исламистичкото движење Муслиманско братство ги повика граѓаните на протести и наредната седмица.

„Ги повикуваме Египѓаните и националните сили на секојдневни протести се‘ до анулирање на пучот“, стои во соопштението на исламистичката група, мислејќи притоа на соборувањето на претседателот Мохамед Мурси.

Преодната влада, пак, објави дека мора да го уништи терористичкиот заговор на Муслиманското братство. Повеќе квартови на Каиро вчера наликуваа на бојно поле. Само во близината на плоштадот Рамзес беа пронајдени најмалку 39 трупови, додека околу 300 лица се јавиле со повреди. Во џамијата Ал-Фатх синоќа по почетокот на полицискиот час, воведен со вонредната состојба, останале стотици исламисти, кои полицијата ги заклучила. Партијата на слободата и правдата на Мурси синоќа објави дека „илјадници луѓе се во стапица во џамијата“. Партијата ја предупреди полицијата да не го повторува масакрот од Раба.

Со тоа се мисли на расчистувањето на протестните кампови при што во средата според проценките се убиени над 580 луѓе. Соборениот претседател Мохамед Мурси и натаму се наоѓа во затвор на непозната локација.