1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет: Речиси и да нема интерес за процесот против Мубарак

Процесот против поранешниот египетски претседател Хосни Мубарак треба да биде возбудлив. Како сведоци ќе се појават и луѓе од внатрешните моќни кругови. Но, мнозинството во Египет всушност го интересира еден друг процес.

Процесот против египетскиот претседател симнат од власт, Хосни Мубарак, влегува во одлучувачка фаза. Од денеска (19.10) пред судот своите изјави ќе ги изнесат тројца сведоци од внатрешните моќни кругови на неговиот поранешен режим, а меѓу нив е и некогашниот шеф на полицијата Ахмед Гамал Един како и поранешниот прв човек на тајната служба Мурад Мувафи. Нивното сведочење би можело да помогне во расветлување на злосторствата и одговорноста за смртта на стотиците убиени лица за време на бунтот во 2011. година. Првостепената пресуда против Мубарак во јануари годинава ја оспорија неговите адвокати.
Без разлика на истакнатите личности кои се појавуваат во овој процес како сведоци, на самиот процес Египќаните му придаваат малку внимание. Мустафа Нагар од Каиро вели: „По сѐ што стори Муслиманското братство, не ја следиме постапката многу внимателно. Нема разлика во тоа дали ќе биде обвинет или не. Јас мислам дека мнозинството Египќани размислат исто. И таа тема веќе не не' окупира.“

Претседатели пред суд

Меѓутоа, оваа незаинтересираност е потполно спротивна на емоциите кои го следеа почетокот на процесот против Мубарак. Милиони Египќани на 3. август 2011. седеа пред телевизиските екрани, кога првпат во модерната историја на арапскиот свет пред суд мораше да одговара еден шеф на држава.

Но оттогаш многу работи се сменија. Земјата веќе доживеа нов бран масовни протести. А сега, покрај Мубарак, уште еден претседател на државата ќе застане пред лицето на правдата. Имено, судски процес исто така го очекува неговиот наследник Мохамед Мурси, но и водечките фигури во Муслиманското братство од кое потекнува Мурси. „Луѓето сега се концентрираат на процесот против Муслиманското братство, бидејќи тие се оние кои последни беа на власт“, вели студентот Али, кој ова лето заедно со милиони други протестираше против Мурси. „Во негово време имаше многу проблеми. Луѓето сега сакаат да знаат кој е за нив одговорен. Дали е одговорно Муслиманското братство, како што тврдат војните власти, или се тие оние кои се потплатени. Тоа останува да се докаже.“

Обработка на процесот

Антиисламистичкото расположение кое се поттикнува и во египетските медиуми за адвокатите на Мубарак доаѓа во вистинско време. Како прво, неговата одбрана сега трескавично работи на тоа да ги промени резултатите на револуцијата во 2011. година, така што за насилството над демонстрантите нема да бидат одговорни силите на безбедност, туку Муслиманското братство. А второ, поради изгубената доверба во Муслиманското братство изгледа сѐ помалку веројатно дека резултатите на истражниот извештај за револуцијата, кој го наложи Мурси, ќе има влијание врз исходот на процесот против Мубарак. Досега на јавноста и‘ беа достапни само делови од извештајот. Во него голем број сведоци ја обвинија полицијата и војската за тешки повреди на човековите права.

Набљудувачите на процесот се разочарани од недостатокот на транспарентност. Судијата Махмуд ал Рашиди на почетокот вети дека целиот судски процес ќе биде пренесуван и на телевизија. Меѓутоа, сега наметна забрана за пренос за следните денови од судскиот процес, а се оправда со зборовите дека се работи за национална безбедност.