1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет поделен на два непомирливи табори

Египетскиот претседател Мурси на функцијата е една година, но опозицијата сака што побрзо да го симне од власт. Низ цела земја се одржаа масовни демонстрации, кои делумно прераснаа во насилство.

Армијата уште претходно најави можна интервенција доколку ситуацијата при протестите ескалира. Низ целата земја армијата беше во готовност, а полицијата со зајакнато присуство.

Египетската опозиција синоќа на преседателот на Египет, Мохамед Мурси му постави рок од два дена за да поднесе оставка, откако при судирите меѓу приврзаниците на власта и учесници во антивладините протести во текот на изминатиот викенд загинаа вкупно 11 лица. Во синоќешните судири загинаа 7 лица.

Организаторот на протестите, Младинското движење „Бунт“ (Тамаруд) објави декларација во која се наведува дека „претседателот има рок до 17 часот во вторник да се откаже од своите надлежности и да им овозможи на државните структури да организираат предвремени избори“.

„Во спротивно ние ќе го повикаме египетскиот народ на масовни протести на сите плоштади, вклучително и пред претседателската палата, како и на граѓански отпор... Не прифаќаме компромиси, нема друга алтернатива освен мирно отстапување од власта на Муслиманското братство и на нивниот кандидат Мурси“, се наведува во декларацијата.

Во документот се посочува дека движењето нема да дозволи крвопролевање и запаѓање на земјата во „котелот на граѓанската војна“.

По барањето на опозицијата се огласи портпаролот на египетскиот претседател, Омер Амер, кој изјави дека на Мурси му е јасно дека направил грешки и дека е подготвен да ги поправи.

„Претседателот очекува одговор на неговиот повик за национален дијалог и е подготвен да ги сослуша сите“, дополни Амер.

При судири меѓу приврзаници и противници на претседателот Мурси во повеќе градови ширум Египет во текот на изминатот викенд, според последните податоци, загинаа вкупно 11 лица, а над 610 се ранети.

Една година по преземањето на власта од страна на Мурси, земјата е длабоко поделена. Додека неговите приврзеници го истакнуваат фактот што Мурси е првиот демократски избран претседател, опозицијата го обвинува за застапување исклучиво на интересите на Муслиманското братство. Не се решени ни масивните економски и социјални проблеми, затоа тој го загуби легитимитетот, велат неговите противници. Движењето „Бунт“ собра 22 милиони потписи за оставка на Мурси и одржување нови избори. Тоа е значително повеќе од 13,23 милиони гласови, колку што Мурси доби на изборите во јуни 2012 година.