1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет: Осуда на насилството и апели за воздржаност

Најновото насилство и безредијата во Египет предизвикаа загриженост ширум светот. Меѓународнта заедница едногласно бара воздржаност од страните во конфликтот во земјата.

Меѓународните претставници загрижено реагираа на извештаите за однесувањето на египетските сили кон демонстрантите, симпатизери на екс- претседателот Мохамед Мурси, кој неодамна беше соборен од власт . Политичарите едногласно повикаа на воздржаност и избегнување на насилството.

Муслиманското братство наведува дека во саботата (27.07.) во протесниот камп во предградието на Каиро, Наср сити, се убиени 120, а ранети 4.000 луѓе. Египетското министерство за здравство наведе дека загинале 65, а се ранети 269 лица. Министерот за внатрешни работи Мохамед Ибрахим рече дека тоа бил одговор на провокациите на Муслиманските браќа.

Тој вели дека притоа се повредени 51 полицаец, од кои двајца потешко. Во кампот пред џамијата Раба-ал-Адавија повеќе од три недели протестираат неколку илјади симпатизери на Мурси. Мохамед Мурси, кого војската го симна од власт на 3. јули, од петокот се наоѓа во истражен затвор.

Повици за воздржаност и почитување на човековите права

„Водството во Каиро мора да го одалечи Египет од 'бездната’“, изјави американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Тој во телефонскиот разговор со заменикот на египетскиот претседател Мухамед ел Барадеј и министерот за надворешни работи Набил Фахмиј изрази длабока шокираност поради актуелните случувања во Египет. Кери рече дека одговорните во Каиро имаат морална и правна обврска да го почитуваат правото на мирни собири и слободата на мислење.

Кери повика на формирање на независна и непартиска комисија која ќе ги истражи последните инциденти. Американското министерство за одбрана соопшти дека шефот на Пентагон Чак Хејгел разговарал со командантот на египетската војска Абдел Фатах ал Сиси и од него побарал да спречи понатамошно пролевање на крв.

„Иднината на Египет може да се планира само со дијалог“

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун исто така го осуди насилството во Египет. Тој ја повика актуелната влада да „преземе одговорност за мирен однос кон демонстрантите и на сите Египќани да им обрзбеди заштита“. Бан од египетската војска побара да ги почитува човековите права, особено правото на собири и слободно мислење. Тој од демонстрантите побара да бидат воздржани и да одржуваат мирни протести.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле од египетските власти побара „да дозволат мирни демонстрации и да сторат се' за да спречат натамошна ескалација“.

„Иднината на Египет може да се планира само низ дијалог, а не низ насилство“, кажа Вестервеле. Слично се изјаснија и претставниците на ЕУ, како и на француската и британската влада.