1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет на работ на граѓанска војна

И покрај сите дипломатски напори, состојбата во Египет и натаму е критична. Приближување во ставовите на приврзениците на соборениот претседател Мурси и на египетската армија не е на повидок.

Во Египет состојбата не се смирува. Еден месец по уривањето на претседателот Мохамед Мурси од власт, земјата е политички и општествено поделена. Приближувањето на ставовите меѓу приврзениците на Мурси и на оние кои ја поддржуваат привремената влада не е на повидок. За разлика од периодот додека Мурси се уште ја држеше власта, денес на улиците се токму неговите симпатизери.

Во Каиро практично функционираат два големи протестни кампа. Тие се оградени со цигли и со вреќи со песок и влезот во нив строго се контролира. Репортерите јавуваат дека тие места се опкружени со ридови од смет, а локалното население е огорчено.

Guido Westerwelle mit Nabil Fahmy PK in Kairo 01.08.2013

Гидо Вестервеле во Каиро

Но, и покрај најавите, војската се' уште не ги отстранила камповите на приврзениците на Мурси. Претходните денови имаше чести пресметки меѓу безбедносните сили и исламистите. Од воениот удар досега убиени се најмалку 250 луѓе, а илјадници се ранети. Доколку војската се обиде насилно да го отстрани кампот, се стравува од големо крвопролевање.

Во меѓувреме дипломатски посети се редат како на лента. Најпрво минатата недела во Каиро пристигна шефицата на европската дипломатија Катрин Ештон, по неа и германскиот министер Гидо Вестервеле, а следуваше и американскиот заменик државен секретар Вилијам Барнс.

„Дипломатските напори доведоа тоа дека изостана најавеното отстранување на двата протестантски кампа и барем засега нема поголемо насилство“, вели Гинтер Мајер од Центарот за истражување на арапскиот свет во Мајнц.

Што носи иднината?

Хамади Ал Ајуни од Слободниот универзитет во Берлин повикува Египќаните да се остават на мир да ја стабилизираат состојбата. Притоа, неговиот повик не е упатен само до западните земји, туку и до муслиманските земји како Турција.

Ägypten Mursi Anhänger Kairo 02.08.2013

Протест на приврзениците на Мурси

Токму Анкара неодамна го критикуваше пучот против Мурси, оценувајќи дека од власт е урнат претседател кој бил избран на демократски начин. Но Ајуни ги оспорува овие тези.

„Демократијата значи многу повеќе од едноставен изборен резултат. Таа значи сигурност на народот, слобода и напредок. А Муслиманското братство не следеше ниту една од овие цели“, вели Ајуни.

Со ваквиот став се согласува и Мајер.

„Муслиманското братство доби легитимитет со волјата на народот, но тие со своето политичко делување тој легитимитет го загубија“.

Околу иднината на земјата, двајцата експерти имаат поделено мислење.

„Во следните три до шест месеци Египет нема да ги мине сите препреки, но состојбата ќе се стабилизира. Тие имаат добра основа, а тоа е правосудството кое е транспарентно и добро функционира, и ќе биде носител на оваа преодна фаза“, тврди Ајуни.

„Наивно е да се помисли дека по уривањето на еден авторитарен режим веднаш ќе дојде демократија. И нам, во западниот свет, делумно ни беше потребен цел еден век од авторитарни системи да преминеме во демократија каква што имаме денес во Германија“, вели Мајер.