1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет меѓу омраза и љубов кон Западот

Колку што владата во Египет и Муслиманското братство се меѓусебно спротивставени, толку се обединети во бесот кон Западот. Антизападното расположение меѓутоа покажува дека САД и Европа и натаму високо котираат во Египет.

Земјата е поделена на два табора. Од една страна симпатизерите на Муслиманското братство, а од друга египетските сили за безбедност. Но, тој јаз кој ги дели двете страни остава простор за еден нов фронт кој го обединува Египет, и тоа против земјите од Запад. Бидејќи, двете страни чувствуваат дека Запад ги напуштил. Во тој смисол, колку и да е голема поделбата меѓу двете групи, тие се единствени во нивниот однос кон политиката на Западот.

Сите му се лути на Западот...

Муслиманското братство му префрла на американскиот претседател Барак Обама дека го поддржал воениот удар со кој е соборен од власт исламистичкиот претседател Мохамед Мурси. „Обама на Мурси отворено му се закануваше со економски санкции“, така тоа го објаснува Есам ел-Ериам, еден од лидерите на Партијата за слобода и правда која му е блиска на Муслиманското братство.

А и на протестите на симпатизерите на Муслиманското братство се гледаа плакати насочени против политиката на Обама.

Но, и другата страна исто така искажува лутина кон Белата куќа. Весникот „Ал јоум ал саби“, кој е наклонет кон противниците на Мурси исто така ја критикува американската политика и го обвинува претседателот Обама дека го поддржува Муслиманското братство за да може да ги спроведе американските интереси.

... и сите се чувствуваат напуштени

И политичкиот аналитичар Гамал Солтан од Американскиот универзитет во Каиро смета дека со антизападното расположение на виделина излегува пред сѐ една работа - чувството дека Запад ги оставил на цедило, бидејќи и двете страни сакаат да го придобијат Запад на своја страна, вели Солтан во разговорот за ДВ и додава: „Од една страна владата се чувствува дека не е доволно поддржана во, како што вели самата, нејзината борба против тероризмот, а од друга страна Муслиманското братство исто така се чувствува оставено на цедило во она кое тие го нарекуваат принципи на демократија и човекови права.“ Значи двете страни сметаат дека ги застапуваат вредностите на Западот, но дека нивните напори токму тој Запад не ги признава.


Слично размислува и Клаус Брандер, претседател на Германско-египетската парламентарна група. „Двете страни, и Муслиманското братство и војската сметаат дека се во право“, вели Брандер. Овој политичар на германските либерали во разговорот за ДВ вели дека постојат добри причини за воздржаноста на Западот. „Ние не можеме да им кажеме на двете страни 'да'. И поради фактот дека во ваков процес на демократизација недостасува искуство мора исто така да се покаже малку подготвеност и на компромиси“, нагласува Брандер.
Гамал Солтан смета дека оваа лутина, која се артикулира во моментов и во медиумите и на улиците на Египет, може да потрае, како и чувството на изиграност од страна на Западот кое се шири на двете страни. А Западот пак е во слична дилема како и по прашањето за Сирија: во овој момент тешко може да се води добра политика, може да се води само политика која ќе донесе што е можно помала штета.