1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет ги прекина односите со Сирија

Египет ги прекина односите со режимот во Дамаск, соопшти египетскиот претседател Мохамед Мурси. Русија ја критикува политиката на САД кон Сирија и вели дека тврдењата за употреба на хемиско оружје се неубедливи.

Египет донесе одлука да ги раскине односите „со актуелниот режим“ во Сирија, изјави египетскиот претседател Мохамед Мурси (на фотографијата горе) пред илјадници приврзаници на конференцијата за „Поддршка на Сирија“ на еден стадион во Каиро. Сириската амбасада во Каиро е затворена, а повлечен е и египетскиот претставник во Дамаск.

Мурси како образложение на овој чекор го наведе „насилството на режимот на претседателот Асад“ што се применува против сирискиот народ. „Египет и неговиот народ, раководството и армијата, нема да го остават сирискиот народ сам се‘ додека не ги спроведе своите права“, нагласи Мурси.

Тој истовремено упати повик до либанската милиција Хезболах веднаш да ја напушти Сирија и да запре со „агресијата врз сирискиот народ“. Хезболах повеќе недели отворено се бори на страната на Асад.

Најавите на САД имаат дејство

Во меѓувреме, најавата за воена поддршка на бунтовниците во Сирија, дава ефект. Според турски наводи, во рок од 36 часа, до вчера (15.06) 71 офицер од армијата на Асад пребегале во соседната земја. Американската влада во четвртокот (13.06), повикувајќи се на сознанија на тајните служби, соопшти дека сириските владини сили во борбата против бунтовниците неколку пати употребиле хемиско оружје, со што Дамаск ја пречекорил „црвената линија“. САД најавија дека ќе им пружат воена поддршка на бунтовниците, но детали не се соопштени.

Russland Außenminister Lawrow

Сергеј Лавров: Зошто режимот би употребувал хемиско оружје, кога бележи воени успеси?

На најавите од Вашингтон реагираше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој рече дека обвинувањата оти бил употребено хемиско оружје од страна на Асад не се убедливи, затоа што тоа на сириските трупи не им е неопходно. „Режимот слави воени победи на земја, како што отворено признава и опозицијата. Каков смисол би имало за режимот употреба на хемиско оружје, пред се‘ во толку мали количества?“, праша Лавров. Шефот на руската дипломатија уште еднаш се изјасни против создавање зона на забрането летање над Сирија, опција која, според изјави на високи дипломати, ја разгледуваат западните држави.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (16.06) уште еднаш повтори дека Германија нема да лиферува оружје во Сирија, но ќе им даде поддршка на бунтовниците на друг начин. Весникот наведува дека претстои испраќање стотици заштитни елеци за бунтовниците, а германската влада, освен тоа, размислува за зголемување на финансиската помош за Сирија.