1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египет ги запре испораките на гас за Израел

Во односите меѓу Египет и Израел дојде до нови тензии. Државниот концерн за природен гас во Египет најави дека се откажува од договорот за испорака на гас за Израел.

Директорот на египетскиот државен концерн за природен гас Мохамед Шоеб изјави дека компанијата го прекинува договорот за испорака на гас за Израел, поради прекршување на договорените обврски.

Овој договор од 2005 година беше цел на остри критики од лидерите на народното востание, со кое лани беше соборен од власт египетскиот претседател Хосни Мубарак. Според нив, Израел добива гас по пониски цени, а блиското опкружување на Мубарак става во џебовите милиони долари од приходите.

Министерството за нафта на Египет од друга страна соопшти дека испораките на гас ќе бидат запрени поради зачестените напади врз гасоводот на Синајскиот полуостров.

Египетски екстремисти 14 пати подметнаа експлозии на гасоводот од почетокот на протестите.

Шоеб демантираше дека ваквата одлука има политички причини, објаснувајќи дека Израел не плаќал веќе четири месеци за испораките. Портпарол на израелското Министерство за надворешни работи ги отфрли ваквите тврдења.

Израелскиот министер за финансии Јувал Штајниц го смета египетското решение за „опасен преседан, кој фрла сенка врз мировните договори и атмосферата на мир меѓу Израел и Египет“.

Египет досега со своите испораки на гас покриваше 40 проценти од потребите на Израел. Претставници на израелска влада веќе ги предупредија граѓаните од можни рестрикции во снабдувањето со гас и со електрична енергија во текот на летото.