1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетските христијани живеат во страв

Египетските христијани се плашат од новата власт на исламистите. Во квартот во Каиро, во кој христијаните се мнозинство, тие се жалат на недостаток на слобода на мислењето, како и на преконзервативна коптска црква.

На прв поглед се чини дека Имбаба е како и многу други сиромашни квартови во Каиро - заглушувачки сирени на стари автомобили и улици кои се запоседнати со улични продавачи. Дури на втор поглед можат да се забележат цркви кои укажуваат на тоа дека тука живеат многубројни христијани. Една од нив, црквата на девица Марија, стана славна поради едно тажно случување. Минатата година толпа гневни исламски екстремисти ја запали оваа црква.

„Во Имбаба се создадоа многу исламистички групи. Овој дел од градот е погоден за ширење на нивната идеологија. Тие го контролираат размислувањето на многу луѓе преку своите предавања или со нудење евтини животни производи“, објаснува 29-годишниот коптски христијанин Хани Адли, кој уште од детството е соочен со дискриминација и фанатизам.

Тој смета дека причина за широко раширениот екстремизам е големата сиромаштија и нискиот степен на образование. Околу 40 проценти од Египќаните живеат под границата на сиромаштија. Во Имбаба процентот е уште повисок.

Kopten in Ägypten

Хани Адли

„Кога си сиромашен и немаш пари, а единствениот кој ти помага е радикал, за тоа нема многу да размислуваш. Ќе мислиш само на своето семејство“, вели тој.

Расте бројот на проповедниците кои шират омраза

На Хани му е јасно дека со тоа сиромашните и необразовани луѓе се врзуваат за радикалите и оти истите тие ги манипулираат. Во многу џамии на тие луѓе им се држат предавања за еден облик на ислам кој често ги карактеризира христијаните како луѓе од друга класа. Овде нема место за умереното верување, а оној кој ќе се нарече себе си либерален во очите на многу исламисти станува неверник. Хани има многу пријатели муслимани кои не размислуваат така, но тие во Имбаба се малцинство. Него посебно го загрижува порастот на бројот на проповедници кои шират омраза. Тој мора секој петок да ги слуша нивните говори, откако спроти неговата куќа беше закачен звучник преку кој се пренесуваат говори од блиската џамија.

„Тоа ја нарушува мојата приватност, но ние не можеме да си го дозволиме тој луксуз и да се жалиме. Не би се жалел кога би станувало збор само за молитви, но ако еден имам два часа го напаѓа христијанството, тогаш тоа е нешто друго“, вели Хани.

Незадоволство од конзервативниот став на црквата

Tahrir Platz Kairo Christen Muslime

Христијаните и муслиманите заедно протестираа против режимот на Мубарак

Во едена кафетерија Хани се среќава со еден пријател. Од другата страна на улицата се наоѓаат изборни плакати на Ахмед Шафик, последниот премиер на Мубарак. Многу христијани гласаа за него стравувајќи од Муслиманското братство, но и затоа што него го поддржуваа многу од коптските свештеници. Но, коптските христијани се соочени и со проблеми во своите редови. Разводот на бракот е можен само со изневерување.

„Кој сака да се разведе од други причини, мора да ја промени религијата, да стане протестант, католик или муслиман. Црквата тука има многу строг пристап“, вели Хани. Тоа ограничување често доведува до немири и често се случува мажени жени да преминат во ислам за да побегнат од несреќниот брак.

Но, најголемиот број на проблемите со кои се соочуваат коптските христијани немаат врска со црквата. Хани вели дека тој е присилен да слуша антихристијански проповеди преку звучник, а од друга страна доаѓа до апсења на христијани кои на Фејсбук постирале антиисламски филм за Мухамед.

Сепак, Муслиманското братство се обидува да ја подобри ситуацијата со коптите. Тоа предлага на ист начин да се третира изградбата на цркви и џамии. Тоа би било еден почетен сигнал на помирување.