1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетските либерали пред „херкуловска“ задача

Досега меѓу египетските неисламисти владееше единство. Но, конфликтите меѓу симпатизерите на режимот на Мубарак и либералните револуционери остануваат постојан проблем.

По соборувањето на Муслиманските браќа, антиисламистичката опозиција во Египет е во политички подем. Таа сега преку Мохамед ел Барадеи го има местото заменик на претседателот, поставен од страна на војската. Барем засега, уште трае тешко постигнатото единство на многуте неисламистички политички партии и групи.

Лекцијата од 2012 година

Никој не го заборави поразот во првиот изборен круг на претседателските избори во 2012 година. Ако тогаш сите се обединеа околу еден кандидат, веројатно Муслиманските браќа никогаш немаше да стигнат на власт. И кампањата на движењето Тамарод, кое на 30.јуни собра милиони Египќани на улиците, го рефлектира ова единство. Според Мохамед Дос, еден од основачите на кампањата, најголем дел од организаторите на Тамарод доаѓаат токму од овие политички партии и групи. Но сега, откако е соборен Мохамед Мурси, одржувањето на ова единство ќе биде се‘ потешко. Зиад Ел-Алеми, соосновач на египетските Социјалдемократи и поранешен член на парламентот, сепак е оптимист:

„За време на изминатите двеипол години сите револуционери и цивилните сили во Египет собраа многу искуства, како може да се делува на улица и да се прават компромиси. Мислам дека сето тоа ќе им биде од помош на овие групи во обединувањето и во создавањето умерена држава“.

Porträt - Ziad El-Alemi

Зиад Ел-Алеми

 Револуционерите контра симпатизерите на Мубарак

Еден од централните предизвици на неисламските партии е соработката со некогашните приврзеници на режимот на Хосни Мубарак. Многу од оние кои излегоа на протести на 30 јуни, потекнуваат од оваа струја. Прашање е дали Мурси ќе можеше да биде соборен толку брзо без нивна поддршка. Посебно тешко да се зближат со нив им паѓа на младите револуционери од првиот востанички бран во 2011. година. Тие мораа да истрпат масивна насилност и бруталност под делумно и натаму активните членови на безбедносниот апарат. За нив делува речиси апсурдно што сега војската, полицајците и демонстрантите се прегрнуваа на плоштадот Тахрир. Овде се тешки политичките компромиси, зашто многумина револуционери застапуваат почитување на човековите права и вистински реформи на политичките институции. Зиад Ел-Алеми укажува на важно искуство од последните години:

„Ние не можеме да се ослободиме од омразата меѓу револуционерите и претставниците на стариот режим ако не се погрижиме за вистинска праведност. Најважното што го научивме во двете последни години е следното: не може да се оствари нов почеток во иднината, без комплетно справување со минатото“.

Тешко помирување

Ел-Алеми затоа на совладувањето на минатото му придава исклучително големо значење. Но, краткорочно, тоа би го отежнало помирувањето со следбениците на Мубарак, воениот режим, како и приврзениците на Муслиманските браќа. Сите овие конфликти повторно се отсликуваат во неисламските политички партии. Уште сега се видливи жариштата, што ја покажува и неодамнешната уставна објава од страна на војската. Зиад Абдел Таваб, заменик-директор на каирскиот Институт за хуманитарно-правни науки, го потврдува тоа:

„Тукушто видовме дека најважните групи, кои го иницираа протестот од 30 јуни, беа исклучени од процесот на назначување премиер. Тие исто така немаа никаква можност да влијаат врз своето право и претстави во уставната декларација“.

Militär Gewalt Ägypten

Неизвесно е какви се плановите на војската

Први конфликти со новиот претседател

Додека на припадниците на безбедносниот апарат тоа малку им пречи, отпорот кај многу либерали е голем. Прво, антиисламистичките партии собрани во Националниот фронт за спас целосно ја отфрлија декларацијата. Но, по уверувањата од претседателот Мансур за вршење измени во документот, тие ретерираа. Во меѓувреме Националниот фронт за спас отфрла официјално само делови од уставната декларација.

Зиад Ел-Алеми сепак го релативира овој прв конфликт меѓу претседателот и и партиите:

„Претседателот на функцијата е само четири дена. Прерано е да се оценува неговата соработка со партиите. Уште не можеме да кажеме дека неговиот курс е насочен кон несоработка или се работи само за почетничка грешка“.

Односот кон исламистите

Спорна точка е и прашањето во колкава мерка да им се излезе во пресрет на исламистите. Уставната декларација јасно покажува обид на авторите да им направат отстапки на салафистите. И именувањето на Хезам Беблави, признат економист, за премиер, може да се толкува како отстапка на војската кон исламистите. За разлика од Мохамед ел Барадеи, тој е многу помалку поларизирачки кандидат. Сите овие жаришта во антиисламистичките партии водат до големи тензии. Нивното држење под контрола е рамно на Херкуловска задача.