1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетскиот претседател Мурси станува „фараон“

По новите уставни амандмани, со кои се прошируваат овластувањата на египетскиот претседател Мохамед Мурси, опозицијата и судиите во земјата жестоко протестираат.

Уставниот суд ја проучува можноста да се почне процедура за импичмент на претседателот, а лидери на опозицијата за денеска свикаа масовни протести. Влијателниот египетски Судски клуб го осуди указот со кој Мурси нареди сите одлуки што ги презел од стапувањето на должноста, во јуни, да не подлежат на обжалување пред судот или друга инстанца до прифаќање на новиот Устав на земјата.

Египетски опозициски лидери на вонредна седница за денеска на плоштадот Тахрир во Каиро и „на сите египетски плоштади“ свикаа масовни протести против уставната декларација. Според нив, указите на Мурси се удар врз судскиот систем на Египет и обид за создавање диктаторска власт.

Претседателот на Египет издаде редица укази, со кои ги зголеми своите надлежности и нареди да се повторат судските постапки против лидери од режимот на поранешниот претседател Хосни Мубарак за убиства на протестантите во демонстрациите од минатата година, кои доведоа до соборувањето на Мубарак.

Мурси на комисијата која работи на изработка на новиот устав и‘ даде имунитет од секоја евентуална судска одлука за нејзино распуштање. Иста заштита тој гарантираше и за горниот дом на парламентот. Во двете тела исламистичките сојузници на Мурси имаат мнозинство.

Во меѓувреме, претставник на Уставниот суд на Египет соопшти дека оваа инстанца ја проучува можноста да се поведе постапка за импичмент на претседателот, што согласно нормите на меѓународното уставно право може да се случи врз основа на државна промена и други тешки кривични дела, а, исто така, и заради прекршување на уставот.