1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетскиот главен обвинител поднесе оставка

Генералниот обвинител на Египет, Талаат Ибрахим Абдалах поднесе оставка на функцијата само неколку недели откако на неа беше именуван од страна на претседателот Мохамед Мурси.

Вчера стотици членови на генералното обвинителство учествуваа во блокадата пред бирото на Абдулах, барајќи негова оставка. Во повеќемесечната борба за превласт со египетското судство, египетскиот претседател Мурси кон крајот на ноември го отпушти дотогашниот главен обвинител Абдел Магид Махмуд и го именуваше Абдулах на негово место. Смената предизвика незадоволство кај судиите, кои одлуката на Мурси ја оценија како мешање во независноста на судскиот систем.

Мурси е во постојан конфликт со судиите и обвинителите, меѓу другото, поради тоа што ги сомничи за преголема блискост со собореното раководство на чело со долгогодишниот шеф на државата, Хосни Мубарак.

Оставката на Ибрахим ќе биде претставена пред Врховниот судски совет в недела.

Оставката на египетскиот главен обвинител доаѓа и во момент кога треба да почен проверка на обвинувањата за фалсификати на првата рунда од одржаниот референдум за усвојување на предлог уставот на земјата. Изборната комисија ги испитува жалбите на опозицијата за илегални активности и влијание врз исходот, како и неприсуство на судии на гласачките места. Според неофицијалните информации, мнозинството на гласачите во десет провинции се изјаснило за предлог-уставот, кој носи печат на исламистите.

Левите, либералите, секуларните и христијанските противници стравуваат од преголем удел во уставот на шаријатското право. Втората рунда од референдумот треба да се одржи в сабота.