1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетската опозиција разговараше со власта

Муслиманското братство, исламистичка организација која важи за најсилен опозиционен субјект во Египет, заедно со други опозициони групи, денеска беше на разговори со владата околу наоѓање решение за политичката криза.

default

Припадници на Муслиманското братство

На средбата со вицепретседателот на Египет Омар Сулејман, на која покрај претставници на Муслиманското братство имаше и претставници на секуларните опозициони партии и независни политичари и бизнисмени, е договорено основање Комитет, кој во рок од еден месец би требало да предложи измени на уставот во земјата. Порптарол на владата во Каиро изјави дека предлозите за измени треба да бидат готови до крајот на март. Претставниците на Муслиманското братство се решија на разговори за да преговараат за „легитимните и праведни барања", се вели во соопштение на организацијата издадено утринава. Оваа организација, инаку, во Египет е забранета од 1954 година и ова е првпат египетската влада со нејзе да преговара отворено.

Според информации на државната телевизија во Египет, на средбата на опозиционерите со вицепретседателот Сулејман е договорено да се стави крај на вонредната состојба, која во земјата е прогласена уште во 1981 година. Предуслов за тоа е безбедносната ситуација да овозможи укинување на вонредната состојба, тврди телевизијата, но засега нема потврда за ваквите информации.

Omar Suleiman Vizepräsident von Ägypten

Потпретседателот на Египет Омар Сулејман

Вонредната состојба му овозможуваше на раководството на земјата да ја потиснува опозицијата со децении, а демонстрации беа забранети.

Оставка на Извршниот комитет на владејачката партија

Инаку, под влијание на протестите на опозиционерите оставка вчера поднесе Извршниот комитет на владејачката партија на претседателот Мубарак. Државната телевизија јави дека Хосни Мубарак за нов генерален секретар на Националдемократската партија го именувал Хосам Бадрави, но самиот останал на функцијата партиски лидер. Претходно, се проширија гласини дека претседателот Мубарак се откажал од лидерската функција во партијата, што за кратко време предизвика радост кај демонстрантите на плоштадот Тахрир во Каиро, но набрзо потоа државната телевизија ги демантираше ваквите информации. Новоименуваниот Генерален секретар на Националдемократската партија, Бадрави, е познат по своите добри врски со египетската опозиција, а доаѓа на местото на досегашниот генерален секретар Сафуат ел Шериф. Истовремено, Бадрави го менува и синот на Мубарак, Гамал, кој се повлече од функцијата претседател на Политичкиот комитет на партијата. Досега се сметаше дека Гамал ќе го замени на лидерската функција својот татко Хосни Мубарак.

Gamal Mubarak Sohn des Präsidenten Hosni Mubarak Ägypten

Гамал Мубарак, синот на претседателот на Египет

Добро е, но треба уште

Американската влада ги оцени оставките во врвот на египетската владејачка партија како „позитивен чекор кон неопходните политички чекори“. Вашингтон очекува преземање нови чекори, изјави портпаролот на американскиот Безбедносен совет, Томи Витор во Вашингтон. Американскиот претседател Барак Обама и британскиот премиер Дејвид Камерон, вчера побараа „реален, видлив и значителен пресврт“ во Египет, кој би морало „да почне веднаш“. Според германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле потрагата по наследник на Мубарак мора да му се остави на египетскиот народ.

„Египетскиот народ одлучува кој ќе владее“, рече Вестервеле денеска на конференцијата во Минхен. Министерот уште еднаш повтори дека Египет може да добие поддршка на патот кон демократија, како поддршка за организирање избори и изградба на правосудниот систем, но во потрагата по наследник на Мубарак, останатите држави треба да се држат настрана.

Автор: ЕМФ/СН/афп/дапд/ртр

Редактор: Симе Недевски

DW.COM