1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Египетската дилема на Западот

Високата претставничка на ЕУ, Ештон оддржала двочасовна средба со соборениот египетски претседател Мурси. И нејзината посета покажува дека за Западот најважна е стабилноста, но нема средства за притисок врз Каиро.

Владите на западните земји се во дилема во поглед на политиката кон Египет. Молчењето во однос на насилното соборување од власт на претседателот Мохамед Мурси , го прави неуверливо нивното инсистирање за демократија, бидејќи ако го осудат соборувањето на Мурси, кое се случи на 3 јули и одбијат да соработубаат со преодната влада, повеќе нема да можат да му кажат ништо на Каиро.

Според проценките на Гинтер Мајер од Центарот за истражување на арапскиот свет на Универзитетот во германскиот град Мајнц, Западот по секоја цена сака да го зачува своето влијание врз Каиро. Египет во стратегиите на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави за Блискиот Исток веќе со децении зазема централна улога. Соборувањето од власт на претставникот на Муслиманското братство е незгодно и за германската влада и за САД, , а згора на тоа, е во спротивност со нивните заложби за борба за демократските вредности, вели Мајер. „Како и да се завртат нештата, очигледно е дека во Египет станува збор за воен пуч“, истакнува професорот Мајер.  

Итно запирање на крвопролевањето

Кристијан Ахрајнер , експерт за Египет од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП), смета пак дека дилемата на Западот во однос на Египет не е нова и не почнува со соборувањето на власт на Мохамед Мурси. Уште за време на владеењето на долгогодишниот претседател на Египет Хосни Мубарак, кој беше соборен од власт во 2011 година, Западот пред се' играше на картата: стабилност, истакнува Ахрајнер. САД и ЕУ, вели тој, во прв ред се заинтересирани за безбедноста на енергетските постројки, за борбата против тероризмот, како и за продолжување на мировниот договор меѓу Египет и Израел. Демократијата и човековите права притоа се турнати во заднина, порачува овој експерт.

Но посебно по соборувањето на Мурси од власт , политичарите и дипломатите од Западот балансираат меѓу стратешките интереси и реторичките барања. Речиси никој на Запад не бара Мурси повторно да се врати на местото шеф на држвата. За владите на земјите во Европа и на САД , најважно е насилството да не ескалира и натаму. И германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле апелира до одговорните во Египет да дозволат мирни протести и да ги употребат сите сретства  за да спречат натамошна ескалација на насилството. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон за време на актуелната посета на Египет, сакада им пружи поддршка како на преодната влада така и на Муслиманското братство и да ги поттикне двете страни на дијалог. Ештон, притоа се сретнала со сменетиот египетски претседател Мурси. Информацијата за средбата, која траела околу два часа, ја објави на Твитер портпаролката на Ештон, Маја Коцијанчич.

Се очекува денеска попладне Ештон на  прес-конференција и да ги соопшти деталите од средбата со Мурси. Шефот на американската дипломатија Џон Кери, исто така бара итно запирање на крвопролевањето. А само во текот на минатиот викенд во Египет беа убиени 80 лица.

Нема со кого да се разговара за демократија

Експертите проценуваат дека на западот не само што му недостасуваат средства со кои би извршил притисок и би влијаел врз развојот на случувањата во Египет, туку нема ниту соодветен партнер на тема демократија, порачува Ахрајнер. Најважните актери во борбата за моќ во Египет се Муслиманското братство и војската, а „ниту едните ни другите не се актери кои Западот би можел да ги оцени како продемократски“.

Ахрајнер додава дека денес навистина нема партнер во Египет кој би требало да се поддржи. Експертот од Германското држуштво за надворешна политика во секој случај препорачува воздржаност во дипломатските односи со Египет.