1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Егзекутиран атентаторот од Мумбаи

Милитантните исламисти во терористичката серија напади во Мумбаи пред четири години убија 166 луѓе. Индија сега ја спроведе смртната казна врз единствениот преживеан атентатор.

Во Индија беше егзекутиран Мохамед Аџмал Касаб, единствениот преживеан извршител на нападите во Мумбај во 2008. година, соопшти индиското Министерство за внатрешни работи.

Врховиот суд на Индија во август ја потврди смртната пресуда за Касаб за нападите во кои загинаа 166 лица, а индискиот претседател го отфрли барањето за негово помилување.

Изутринава во 7:30 часот по локално време (два часот по Гринич) тој беше обесен во затворот Јервада во индиската држава Махараша.

Дваесет и четири годишниот Пакистанец Мохамед Аџмал Касаб, член на радикалната исламистичка групација Лакшар е Таиба, беше осуден на смрт во мај 2010. година за убиства, воени дејствија против Индија, заговор и тероризам. Тој беше единствениот преживеан од групата напаѓачи. Останатите деветмина беа убиени за време на интервенција на силите на редот.

Од 26 до 29 ноември 2008. година десетмината тешко вооружени терористи отворија оган кон зградата на железничката станица „Викторија“, зедоа заложници во хотелите со пет ѕвезди „Таџ Махал“ и „Оберој“, нападнаа ресторан и полициска станица. Нападнати беа вкупно седум објекти, вклучувајќи и градска болница и еврејски центар.

Касаб беше прогласен за виновник за учество во масакрот во железничката станица, каде беа убиени 52 лица и судот одлучи тој да биде обесен.

Индија ја обвини Лакшар е Таиба, која е базирана во Пакистан, дека ги организирала нападите со поддршка на елементи од пакистанската армија. Исламабад категорично ги отфрли овие обвинувања.