1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Егеланд: би можеле да спасиме многу човечки животи

Меѓународните хуманитарни организации побараа итен пристап до јужен Либан, каде 120 илјади луѓе отсечени од каква било помош

Јан Егеланд

Јан Егеланд

Ситуацијата станува од ден на ден се’ потешка, рече вчера во Женева координаторот на ОН за хуманитарна помош Јан Егеланд. Коридорите за испорака на хуманитарна помош, ветени од обете завојувани страни, не функционираат. Конвој на ОН во неделата „за влакно“ избегна два напада.

120 илјади луѓе на југот на Либан се отсечени од каква и да е помош и за обете завојувани страни би било полесно да гарантираат сигурен хуманитарен коридор кога вистински би биле прекинати борбените дејствија, вели Егеланд: „Мислам дека во изминатите денови никој не си обезбеди воена предност, ниту ќе може тоа да го стори во наредните часови. Ние, напротив, би можеле да спасиме многу човечки животи“.

Испораките на хуманитарна помош се отежнати и поради многуте разорени патишта и мостови. Притоа, звучи гротескно дека многу мостови беа изградени во изминатите години токму со парична помош од странство.

Во меѓувреме во бекство е една третина од населението на Либан. Во конфликтот досега настрадаа повеќе од илјада луѓе. На друга страна, Израел го доживува најтешкото ракетирање од основањето на државата, укажа понатаму Егеланд. Координаторот на хуманитарната помош на ОН го критикуваше Хезболах, кој ракетирањето го вршел од населени подрачја во Либан: „Мислам дека е неславно да се испалуваат ракети од станбени куќи и потоа повторно да се исчезне. Тие знаат дека по таква постапка цивилното население ќе биде цел на израелски напади. Тие го знаат одговорот на Израел“.

Според Егеланд, критично е пред се’ снабдувањето на болници со гориво за генератори за струја.

Егеланд вчера не можеше да поднесе позитивен извештај ни за ситуацијата во други конфликтни региони, како Дарфур, Конго, Шри Ланка или појасот на Газа. Тој го осуди бомбардирањето на една електроцентрала во појасот на Газа. На крајот секогаш страдаат цивили: „Мислам дека бомбардирањето на централата е еден од многуте примери за одреден став: имено, прво да се бомбардира, а потоа да се размисли. А би требало да биде токму обратно: прво да се размисли, и потоа можеби да се извлечат и војнички консеквенции“.

Егеланд во Женева јасно стави на знаење дека тој не гледа можност за воено решение на конфликти; може да има само политички решенија – и за Либан исто така: „Тоа не е пат за создавање долгорочен мир на Блискиот исток. Се чини дека е тоа само рецепт за повеќе омраза, за поголема несигурност. А секому му е потребна сигурност. Израел заслужи признавање и безбедност, но и неговите соседи исто така“.

Егеланмд сега се надева дека Советот за безбедност ќе се избори за донесување резолуција и дека борбите веќе наскоро ќе бидат запрени.