1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтиниот популизам веќе не „пали“ кај младите

Костадин Делимитов5 март 2016

Празните предизборни ветувања се` повеќе ги иритираат младите во Македонија. Наместо популизам, бараат отворена дебата и вистински решенија за нивните проблеми.

https://p.dw.com/p/1I7iH
Фотографија: DW/S. Toevski

Агресивната политика која во заштитата на теснопартиските интереси се` помалку води сметка за реалните потреби на граѓаните предизвикува револт посебно кај помладата популација. Наместо движечка сила, младите се` повеќе стануваат, или се чувствуваат заложници на дневната политика која не само што ги поклопува нивните интереси, туку и не бира средства за да ги пасивизира нивните активности. Ваквиот потценувачки однос кој доминира во последниве години ги иритира, но и мотивира младите да бидат погласни во битката за своите права:

„На младите во оваа држава им е потребна вистинска перспектива, а не милосрдие, стабилна иднина и работа, а не неизвесност и плати кои се мизерни, долгорочни проекти, а не решенија од денес за утре за остварување на политички цели! Мислам дека и повеќето млади луѓе ги разбираат овие ’задни’ намери на власта но за жал многумина од нив премолчуваат за тоа, бидејќи едноставно немаат друг избор освен да се борат за гола егзистенција. Живееме во општество кое зборот демократија е силуван по медиумите, а малкумина го разбираат концептот на демократијата. Мое мислење е дека демократија како што јас ја разбирам не постои во нашата држава, а тоа е демократија со моќно цивилно општество, слободни медиуми, критички настроена младина која треба да се научи КАКО а не ШТО да мисли! Млади луѓе кои се членови на самостојни синдикати кои ќе се борат против плати кои се под човековото достоинство, а не излезот да го бараат како членови на политички партии. Само со вистинска дебата и вклучување на младите во неа може да се обезбеди подобра иднина за сите. А како што може да видиме во последниов период „разговорот“ со младите луѓе се води само за да се запре нивниот глас за подобра иднина“, реагира студентскиот активист Ненад Алексиќ.

Говор на популизам

Во обидите да се замре гласот на младината, политичарите се` повеќе се служат со говорот на популизам. Иницијативите за конструктивен дијалог главно завршуваат во еднонасочна улица и се амортизираат со пропаганда и разни ветувања кои стануваат се` поевтини. Ваквата агресивна политика, која посебно е омилена за актуелната власт, според младите повеќе „не пали“ бидејќи одамна е прочитана:

„Мислам дека последните најави за некои си ’големи’ проекти на Владата не се ништо друго и ништо повеќе туку празна реторика и долгогодишна предизборна практика на една популистичка влада, која е веќе прочитана книга за граѓаните на Република Македонија, а особено за младите кои тоа го демонстрираа во последните години на разни начини, почнувајќи од јавни дебати (во кои редовно се повикуват носителите на одлуки), протести и крајната мерка отселување од државата - кога видоа дека ова власт нема слух за да ги слуша реалните проблеми и потреби на сопстевната младина“, коментира активистот Бетим Амети.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Фотографија: DW/N. Velickovic

Иритирачка стратегија

Популизмот кој по традиција засилува пред избори е посебно изразен периодов во услови кога земјата е соочена со една од најтешките политички кризи. Нејзиното продлабочување ги вклучи сите погони на владината пропагандистичка машинерија која преку слоганот „Македонија за младите, младите за Македонија“ помпезно најавува разни поволности кои во јавноста се пропагираат како „мега проекти“. Младите реагираат дека ваквата стратегија е далеку од реалните состојби и не само што е погрешна туку се` повеќе и иритира:

„Гледаме како Владата скоро на дневна база помпезно објавува мега проекти за младите во Македонија, градење спортски сали, базени, безплатен превоз за средношколци и студенти, патувања за најдобрите студенти. Овие проекти се најавуваат со таква бомбастичност во медиумите што човек може да помисли дека Македонија е единствена во светот во правење на проекти за младите луѓе. А реалноста е сосем поинаква, овие проекти постојат во секоја развиена земја веќе одамна и не се објавуваат како нешто невидено, фамозно, фантастично. Дотолку повеќе иритира начинот на кој власта го прави ова, се однесува како овие проекти да се платени од нејзин џеб и ги претставува како милосрдие! А всушност, се работи само за собирање на политички поени и водење на предизборна кампања долго пред таа вистински да започне.

За жал веќе подолго време, проекти се објавуваат само пред некои избори со цел мачкање очи на луѓето во Македонија“, реагира Алексиќ.

Mazedonien Land und Leute junge Familie im Park
Фотографија: Petr Stojanovski

Кревањето помпа со проекти кои треба да ги задоволат основните потреби за нормални услови за живот во една европска држава според Амети е несериозно:

„Според мое мислење овие проекти прво, не се проекти - во смила не треба да се крева врева за отворање базен или стадион, затоа што тоа во секоја просечно нормална држава е нормална работа и должност на државата на младите и другите категории на граѓани да им обезебеди услови неопходни за квалитетен живот. Второ, ваквите „проекти” следат во време кога државата се наоѓа во најголемата криза од нејзиното осамостојувањето до денес и навистина е смешно и шизофрено да се зборува за некои си проекти кога тие моментално се најмалку битни и затоа мислам дека тие се само обид за да се замати фокусот од реалните проблеми кои се од витален интерес и е потребно да се решаават што побрзо за државата да се врати на трагот на нормалноста. Трето, во економија основно правило е ’нема бесплатен ручек’ а тоа значи дека овие проекти не ни ги подарува Владата, туку се финансират од парите на граѓаните кои моментно државата ги нема и ќе мора да се задолжи за секој иден проект кој скапо ги чини граѓаните и нормално се поставува прашањето дали моментално држава која е задолжена околку 50% од БДП, може да си дозоволи уште задолжување на сметка на идните генерации. Четврто, дали граѓаните на кои се однесуваат овие проекти имаат реална потреба за вакви и работи и дали воопшто е тоа е израз на нивната волја? Јас лично мислам дека не, затоа што да имаше оваа власт слух за потребите на граѓаните немаше (фигуративно речено) еден град за една година да замине од државата“, нагласува Амети.

Актуелниот општествено политички контекст но и веќе одомаќинетиот метод на дискредитирање на се` она што е прогресивно и поразлично од идеите и плановите на власта не ги демотивира младите. Напротив, велат дека тоа дополнително ги тера да бидат поактивни во напорите Македонија да стане подостоинствено место за живеење во кое ќе доминира духот на просперитетот, креативноста, слободата.