1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Евро-државата во сенка и нејзините противници: можен крај на еврото?

Во Европа расте отпорот против „Евро-државата во сенка“ - една демократски нелегитимирана економска влада. Тоа би можело да биде причина за распад на еврозоната.

Кој суров владетел изнудува од Грците постојано нови пакет-мерки за штедење? Каква мрачна сила го скрши отпорот на Кипраните за само неколку дена? Одговорот е: Евро-државата во сенка.

Држава во сенка - поим како од фантазијата, од бајка, од сагата Војна на ѕвездите или од Господарот на прстените. Но, ова не е мрачен шепот на некој теоретичар на заговори, туку израз што го употребува познат економист - Томас Мајер, поранешен главен економист на Дојче банк. „Во таа Евро-држава во сенка тие имаат и влада во сенка, а тоа е Европскиот совет. Има и егзекутива во сенка, Еврогрупата. И, конечно, има и мобилна трупа за интервенции - таск форс, за да наметнат дисциплина онаму, каде таа е грубо нарушена, а тоа е Тројката“.

Без таа држава во сенка еврото во моментов не би било способно да преживее, вели Мајер. Оти, според него, има само две можности да се организира некоја монетарна унија:

-Првата е централната банка да е вистински независна и да се обврзе исклучиво на одржување на стабилноста на валутата, а државите се суверени, но се придржуваат кон договорените правила. Тоа беше првобитната идеја на европската монетарна унија со критериумите за стабилност од договорот од Мастрихт. Но, никој не се придржуваше кон нив, па така останува само ...

Крај на независноста

... Втората можност: Европската централна банка (ЕЦБ) веќе не е независен чувар на валутата, туку е политички актер. Тоа стана јасно кога таа одби да му даде на Кипар натамошни кредити за итни ситуации и со тоа ја принуди владата во Никозија да попушти. Тоа се покажа и при најавата на Марио Драги, шеф на ЕЦБ, дека банката по потреба ќе откупува државни обврзници во кризните земји во неограничен износ.

Thomas Mayer Chefvolkswirt der Deutschen Bank

Томас Мајер, поранешен главен економист на Дојче банк

„Ако кризните земји не се опорават и не станат повторно конкурентни, премиите за ризик ќе растат и покрај ветувањето на Драги. Тој, пак, кога било ќе мора да дејствува - и тогаш ќе биде напнато“, вели Фридрих Зел, професот по економија на универзитетот на Бундесверот во Минхен. Ќе биде напнато затоа што ЕЦБ би морала тогаш на пазарот да пушти толку многу пари, што инфлацијата значително би пораснала“.

Со оглед на тоа, дека ЕЦБ во меѓувреме е политичка емисиона банка, која ги финансира долговите на нејзините членки, а и затоа што еврото, како што вели Мајер, е државно-должничка валута (пара на државниот долг), ЕЦБ - за задачата што ја има, има потреба од држава. „Ако нема држава - а, за жал, таква е ситуацијата во зоната на еврото - тогаш тоа можете да го заобиколите на тој начин, што ќе конструирате некоја држава во сенка, една Евро-држава во сенка“, вели Мајер.

Растечки отпор

Токму тоа се случи во текот на минатата година. Основа за Евро-државата во сенка создаваат договори, за кои многумина европејци се’ уште немаат ни слушнато. Кој знае за пакетите-закони „Ту-пек“ и „Сикс-пек“? И, кој знае за што точно станува збор кај фискалниот пакт? „Таа мрежа од договори го ограничува суверенитетот на националните држави и ним им налага одредена дисциплина, за да можат да дејствуваат во еден систем на државно-должнички пари“, вели Мајер.

Griechenland Proteste Merkel-Besuch

Протести во Грција

Но, државата во сенка и нејзините правила наидуваат се’ повеќе на отпор. Владата на Кипар долго време се опираше против пакетот за спас и во преговорите дури се закануваше и со банкрот на земјата. Во Италија неодамна избирачите гласаа за влада каква што никогаш не избрале. За Томас Мајер тоа е јасен знак: „Италијанските избирачи го отфрлија Марио Монти, кој е претставник на државата во сенка“.

Во меѓувреме во италијанскиот парламент веќе нема мнозинство, земјата е неуправлива. Невработеноста во еврозоната расте, економијата опаѓа, а во кризните земји Грција, Шпанија и другите на дневен ред се протести против плановите за штедење.

Еврозоната = зоната на рубљата?

„Сега имаме проблем: имаме систем со државно-должничка валута и државна централна банка, но државата не  функционира“, вели економистот Томас Мајер. „Историски пример за тоа веќе има - зоната на рубљата“.

Зоната на рубљата беше монетарна унија на некогашните советски републики по распадот на Советскиот Сојуз (СССР). Земјите-членки не се осмелија на политички чекори, но истовремено преку централната банка ги финансираа своите долгови. Во 1992 година на балтичките држави им се смачи од високата инфлација и ја напуштија зоната на рубљата. Пост-советската монетарна унија дефинитивно пропадна откако една година подоцна и Русија излезе од неа.

„Ако не успееме да го одржиме авторитетот на Евро-државата во сенка, тогаш ни се заканува истата судбина како и на зоната на рубљата“, вели Мајер. И поради тоа, меѓу другото, Брисел мораше да успее во спорот со Кипар. Но, опасностите што се закануваат од случајот со Италија, трета по големина земја во еврозоната, би можеле да го означат почетокот на крајот на монетарната унија.