1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Еврото вреди 22 процента помалку

Економски пулсирања - избор од стопански вести

default

Од неговото воведување, заедничкото европско платежно средство, еврото, загуби 22 процента од вредноста. Во просек за сите земји од евро-зоната, во споредба со јануари 1999, еврото денес има куповна моќ од само 78 центи. Ова е резултат на пресметките на „Алијанц“-групата, за кои известува онлајн-изданието на весникот „Билд“. Во Германија куповната моќ на еврото изнесува 82 цента и тоа претставува најмала загуба од сите земји. Во Франција вредноста е 81 цент, во Италија 76, а во Шпанија само 71 цент. Но, еврото сепак придонесе за стабилност на цените, вели Михаел Хајзе, главен економист на „Алијанц“. Просечното обезвреднување на еврото во Германија изнесува 1,5 насто и тоа, според Хајзе, е значително помалку отколку во времето на германската марка, кога изнесуваше 2,6 проценти.

Рекордно производство и пласман на железна руда

Рударскиот гигант „Рио Тинто“ во изминатиот квартал (октомври - декември 2010) пласира на пазарот 65 милиони тони железна руда, што претставува рекорден износ, а е постигнат благодарение на големата побарувачка од Кина. Англиско-австралискиот концерн соопшти дека рекордно е и целокупното годишно производство од 239 милиони тони. Пласманот на кокс во последниот квартал лани порасна за осум насто, а во целата 2010 година за 20 проценти.

Подем на индустријата за мебел во Германија

Минатата година во Германија беше произведен мебел во вредност од 15,6 милијарди евра. Тоа претставува пораст од 2,2 процента во однос на 2009 година, соопшти Сојузниот завод за статистика, по повод Меѓународниот саем на мебел, што започнува денеска (вторник, 18.01.2011) во Келн. Поради големиот пад од повеќе од 12 проценти во кризната 2009 година, лани производството сепак не ја достигна рекордната 2008, кога вредноста на произведениот мебел достигна 17,4 милијарди евра.

Швајцарските чоколади и натаму омилени

Добар деловен резултат во 2010 забележа и швајцарскиот производител на чоколади „Линт и Шпрингли“. Остварениот приход од 2,58 милијарди франци (околу 2 милијарди евра) значи пораст од 2,2 насто и е соодветен на очекувањата на аналитичарите на пазарот. Прочистен од влијанието на промените на девизните курсови, порастот изнесува 7,3 проценти и е малку повисок од планот на претпријатието од Цирих за пораст помеѓу 5 и седум проценти.

Автор:ЗЈ/СН/дв

Редактор: Симе Недевски