1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Европско музичко лето во Берлин – петти пат!

На петтото Европско музичко лето во Берлин годинава настапија дури 1500 музичари од најквалитетните млади оркестри на земјите членки на европското семејство. Овој пат така за прв пат гостуваат и оркестри од Летонија, Словенија и Словачка. Новите учесници веднаш се погрижија низ манифестацијата да провее и дополнителен нов ветер:

“Ќе направиме пауза. Челистите, ве молам да го држите темпото. Сето време брзате... не да протестирате, туку да се придржувате до реченото!“ - темпераментно и без влакна на јазикот коментира динамичниот шпански диригент Артуро Тамајо, кој се зафати со тешката задача на брзина да спои два потполно непознати оркестри, имено шпанскиот и летонскиот.

Младите музичари од една стара и една нова земја членка на Европската Унија си поставија висока цел: за неполни пет дена да извежбаат три дела, од кои едното е ни помалку, ни повеќе, туку 5-та синфонија на Густав Малер. Повеќе од еден час неверојатна музичка полнина, моќни крешенда и диви промени од молски во дурски пасажи.

Згора на музичката тежина на изведбата, ова беше прва и неподготвена средба на два различни менталитети:

“Навистина е многу тешко, зашто ние сме толку различни. Нашиот менталитет и нашиот начин на музицирање е потполно поинаков од оној на Шпанците. Мислев дека тие се многу темпераментни, но тоа воопшто не е така. Тие едноставно свират и не покажуваат ништо. А ние Летонците, ние сме - ееех, музика и љубов, ние сме навистина поинакви" - искрено вели младата Ирина.

Но, за диригентот Артуро Тамајо, тоа е токму најголемиот предизвик, да работи со два оркестри од потполно поинаков темперамент. За него тоа е музичка средба на старата и новата Европа.

“Сметам дека 5-та синфонија, поради нејзината сосема посебна атмосфера, претставува музичко дело кое е сосема соодветно за да спои луѓе од различни земји. Таа зборува за различни заеднички ситуации, за проблеми, за животот и смртта, за љубовта, за внатрешните конфликти, што сите ние ги познаваме. Сите луѓе имаат еден дел што е многу длабок и еден што е површен. Со оваа музика многу брзо се доаѓа токму до тој длабокиот дел од човекот“ - нагласува Шпанецот Тамајо. Истото, само не со зборови, туку со движења го открива и неговиот начин на диригирање. Тамајо е вистински волшебник на диригентскиот пулт. Веројатно тоа беше и пресудно за успехот на целиот проект, за кој младите музичари од Шпанија и Летонија имаа на располагање само 5 дена. Пред потполно распродадената раскошна сала на Жандармеримаркт во Берлин концертот почна меко со едно модерно дело на Естен Арво Перт, под наслов “Кога Бах би одгледувал пчели“.

По тоа следеше славниот концерт на Бах за две виолини, а по паузата и ремек делото на вечерта – 5-та синфонија на Густав Малер.

И младите Шпанци и Летонци успеаја да го постигнат она што секој уметник си го посакува: да ги допрат срцата на посетителите.

"За мене тоа беше многу возбудливо, бидејќи толку многу млади седеа на бината со толку многу срце и ни приредија навистина прекрасна вечер."

“За нас ова беше трогателно, особено завршницата. И тоа беше навистина Европа, каква што треба да биде. Тоа беше обединета Европа.“

И не беше само публиката тргоната, туку и самите музичари. Одеднаш, потполно без најава, летонските музичари станаа од своите места и ги изненадија своите млади колеги од Шпанија со една стара летонска песна – во знак на благодарност за соработката и убавите денови поминати заедно!