1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Европското првенство е достижно

Кире Лазаров, капитен и лидер на ракометната репрезентација на Македонија одново ќе е силниот адут во претстојните два натпревара од квалификациите за учество на Европското првенство во Данска во 2014 година.

Шпанија ја оправда фаворитската улога во квалификационата група. Битката за втората позиција која води на Европското првенство во преостанатите две кола ќе ја водат Португалија со 5 освоени бода досега, Македонија со 2 и Швајцарија со 1 бод. Кире Лазаров (на насловната фотографија на натпреварот на Македонија со Шведска во 2012 година) во разговорот за Дојче веле е оптимистички расположен:

„Свесни сме за тежината на предизвикот! Но, сметам дека заслужуваме Македонија одново да не‘ види како учесници на едно големо натпреварување. Во последните 4 години бевме на 3 елитни ракометни настани. Зачувување на континуитетот е и сега нашата цел иако сме во ситуација кога многу работи ќе зависат од нас, а некои можеби и не. Се надевам дека Шпанците, многу поквалитетни од сите други во групата, до крај ќе одиграат победнички и нема да си дозволат резултатска бламажа во Португалија.“

Првиот од двата завршни меча е утре против Швајцарија?

„Добро се подготвивме, искусни сме, уиграни. По промената на нашиот стручен штаб добро ни дојдоа овие десетина дена на заеднички подготовки. Секоја промена носи и нов систем на игра и сигурен сум дека во многу подобро светло ќе се прикажеме во однос на натпреварите против Шпанија. Радува санирањето на повредата на Наумче Мојсовски, кој од ден на ден делува се‘ подобро. Истото се однесува и на Филип Миркуловски. Верувам во нашиот квалитет, се надевам дека со тимски дух ќе направиме добар резултат.“

Барселона е новиот голем предизвик

Ова се бурни денови низ кои минува најдобриот македонски ракометар. Кире Лазаров дресот на Атлетико Мадрид го замени со оној на уште пославната Барселона. Што беше пресудно за ваквиот избор?

„Барселона едноставно не може да се одбие. Кога дојде до понудата, воопшто не се колебав. Ова е голема чест за мене како ракометар, како капитен на македонската репрезентација, впрочем и како Македонец. Ова е еден нов голем чекор во мојата кариера. Барселона е можност за моја лична и ракометна надградба. Потпишав двегодишен договор, период на ново искуство, кое ќе можам да го пренесувам подоцна врз оние кои штотуку зачекоруваат на ракометните терени. Најдобро се учи во најсилните средини, а Барселона е токму таква средина. Не само во ракометот, туку и во другите водечки спортови... во фудбалот, во кошарката Барселона е гигант. Знаете, во моментов се чувствувам прекрасно, како дете со нова играчка в раце. Едвај чекам да заиграм!“

Кире Лазаров деновиве отвора нова, досега непозната страна во својот живот. Се промовира како писател! В петок во Скопје ќе биде промоцијата на неговата автобиографска книга „Седумка“:

„Чувствував обврска на мојата земја да и‘ подарам вакво нешто. Не би сакал сега да откривам детали, бидејќи в петок е промоцијата на книгата. Можам да ви кажам дека посветив многу време на подготовката. Верувам дека ќе и‘ се допадне на читателската публика.Мислам дека на ваков чекор ќе се решат и други истакнати македонски спортисти, бидејќи времето на нашите спортски кариери има и поинаква страна...лична,животна,непозната!“, со мала доза на таинственост за Дојче веле зборува Кире Лазаров.