1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Европски суд на правдата: Чувар на европското право

Европскиот суд на правдата во Луксембург е одговорен за толкување на законите на Европската унија. Тој проверува дали институциите на ЕУ и земјите-членки се придржуваат до нив. Тоа воопшто не е лесна задача!

Работна тишина владее во ходниците на судот. Во канцелариите со високи стаклени ѕидови натрупани се документи пред преполните полици со книги. Во Европскиот суд на правдата (ЕСП) работат 27 судии - од секоја земја-членка на ЕУ по еден судија - со тим соработници. Тие се сместени во долгата судската зграда, во која исто така се наоѓаат и судница, сала за состаноци и библиотека.

Главни задачи на судот

Во т.н. процеси за прелиминарно решение некој национален суд од Европскиот суд на правдата бара толкување на законодавството на ЕУ. Ваквите пастапки во меѓувреме чинат повеќе од половина од речиси 600 правни предмети кои годишно пристигнуваат во Луксембург. Германија во тоа е особено активна - од 6.300 постапки, обработени од 1952 година наваму, речиси една четвртина е пристигната од Германија.

Vassilios Skouris, Präsident des Europäischen Gerichtshofs in Luxemburg

Василиос Скурис, претседател на Европскиот суд на правдата

Грчкиот правник Василиос Скурис повеќе од десет години е судија во Европскиот суд на правдата во Луксембург, а негов претседател е од 2003 година. „Односот меѓу правото на ЕУ и националното законодавство е комплициран", вели Скурис и додава:

„Европското право има предност пред националното законодавство и тоа е неговата најважна карактеристика. Истовремено, тоа непосредно функционира во земјите-членки, и на некој начин станува и национално право, а тоа значи дека земјите-членки треба да го сменат своето законодавство, за да го усогласат со законите на европската заедница".

Не можат сите да бидат задоволни

Но, токму тука тргнува и критиката за луксембургшкиот Суд на правдата. Често се се слушаат поплаки дека ЕСП премногу се меша во националното право. Егилс Левитс, правник од Латвија со долгогодишно меѓународно искуство како судија и дипломат, ублажува - се‘ додека судот од едни е критикуван дека е премногу активен, а други пак го обвинуваа дека ја става главата в песок, критиката е врамнотежена.

Egils Levits, Richter am Europäischen Gerichtshof in Luxemburg

Егилс Левитс, судија во Европскиот суд на правдата

„Советот на ЕУ е всушност вистинското законодавно тело на Унијата, што значи дека правото го создаваат претставниците на 27 влади", обаснува Левитс. Тоа пред се’ е политички процес и релативно е тешко, како и кај секое законодавство, да се постигне политички резултат. Често се доаѓа само до компромис.

„И ова европско право создадено со компромис можеби не е толку единствено, како што би било ако во неговото создавање учествува една политичка сила. Во тој поглед постојат нејаснотии и дупки во регулативите, кои без разлика на тоа мораат да се применуваат. Нашиот Суд на правдата е тука токму за да се отстранат тие нејаснотии и празнини“, вели Левитс.

Довербата е добра, контролата уште подобра

Судот на правдата во Луксембург исто така утврдува дали земјите-членки ги исполнуваат своите обврски кои произлегуваат од правото на ЕУ. Постапките за прекршување на законите на ЕУ се втори по ред најчести постапки во работата на Судот. Постапката во најголем број случаи ја покренува Европската комисија, но понекогаш и некоја земја-членка на Унијата. Ако се утврди прекршување на европските договори и ако тоа не се поправи, Судот може да наложи финансиски санкции. Најчесто казнувани земји, на пример во 2008 година, биле Шпанија, Италија и Луксембург. Судот исто така ги проверува и постапките на институциите на ЕУ, кои можат да се прогласат за неважечки ако не соодветствуваат со законите на Унијата.

Пресудите на ЕСП

Europäischer Gerichtshof EuGH Luxemburg Gerichtssaal

Судницата во Европскиот суд на правдата

Пресудите на ЕСП само во посебни случаи се донесуваат на пленум во присуство на сите 27 судии. Откако во 2003 година, Василиос Скурис стана претседател на судот, тоа се има случено еднаш, и тој не сака многу да зборува за тоа. „Тоа беше задолжително. Тоа беше случајот против поранешна еврокомесарка - случајот Кресон“. Според основачките договори на ЕУ , судскиот пленум може до некоја мерка да казни еден еврокомесар. Во овој случај, Европската комисија побара да се намали пензијата на комесарката поради злоупотреба на функцијата.

Инаку вообичаена практика е пресудите да ги донесуваат Големиот судски совет, составен од 13 судии или, пак, судските совети составен од тројца или пет судии. Притоа судијата од една земја-членка не може да учествува како известувач во постапките кои се однесуваат на неговата татковина. Пресудите мора да се носат едногласно. Поделени мислења, како што на пример се случај во Европскиот суд за човекови права во Стразбур или, пак, во германскиот Уставен суд во Карлсруе, не се дозволени. Ова исто така значи дека судиите мора да наоѓаат компромиси, со кои ќе се согласат сите - понекогаш и на штета на остри и кристално јасни пресуди.

Пресудите со двојна мрежа

Од друга страна осумте генерални правни застапници кои работат во Судот на правдата имаат свои многу конкретни и уникатни конечни мислења.
Во нив тие и нивните соработници, проверуваат одреден предмет, споредуваат закони и ги презентираат своите детални предлог-одлуки пред Судот на правдата. Во 80 проценти од случаите судиите ги следат заклучоците на правните застапници.

Германската правничка Јулијане Кокот од 2003. година е генерален правен застапник во Европскиот суд на правдата во Луксембург. Таа смета дека аспектот на двојната контрола не треба да се занемари.

Europäischer Gerichtshof EuGH Luxemburg Bürotürme

Поглед низ стаклените ѕидови на Европскиот суд на правдата

„Ние тука во Луксембург донесуваме одлуки од најширок можен опсег, кои дејствуваат во 27 сосема различни правни системи и против кои повеќе не е дозволено да се примени никакво правно средство. И во многу важни случаи се’ уште сме прва и последна инстанца. Системот на генерални правни застапници осигурува дека секој случај двапати темелно ќе се разгледа и провери“, вели Кокот.

Инаку треба да се направи разлика меѓу Судот на правдата и Општиот суд на ЕУ во Стразбур. Претходно тој се викаше Првостепен суд. Основан беше во 1988 година за да се растовари работата на Судот на правдата. Во фокусот на судот се економски прашања, како што се заштитата на интелектуална сопственост и пазарната конкуренција. Во овој суд можат директно да се обратат граѓаните на ЕУ доколку сакаат да се бранат од некоја одлука донесена од страна на институциите на ЕУ.