1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европски перспективи за Балканот, без увезени конфликти

Кандидатите за члентво во ЕУ треба да ги исполнат обврските и да не донесат билатерални конфликти-порача германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, на конференцијата за ЕУ-перспективите на Западен Балкан.

default

Гидо Вестервеле: Европската идеја е идеја на соработка, а не на конфронтација

Патот до полноправното членство на земјите од Западниот Балкан во Европската унија е вистински маратон. Оние кои влегоа во трката во Берлин побараа Европската унија да биде принципиелна и да не ја поместува целта со дополнителнии условувања. Другите, пак, кои одамна ја истрчале патеката, најпрво потсетија на критичниот финиш, последните стотина метри до целта, но и на решавачките километрите совладани пред да се стартува, кои гарантираат добра кондиција и предиспозиција да се стаса до целта.

„Сигурно дека кандидатите за членство треба да запнат. Природно дека оние што сакаат да станат членки на ЕУ мора да си исполнат домашните задачи. И нормално дека не сакаме увезени конфликти во ЕУ, кои треба да се решат меѓу земјите, билатерално. За ова има бројни примери, но и голем напредок“, истакна синоќа (11.12.2010), на отворањето на Конференцијата во Берлин, првиот германски дипломат Гидо Вестервеле.

Имајќи ги предвид бурните дискусии за границата кои Словенија и Хрватска мирно и кооперативно ги разрешија, министерот ја изрази убеденоста дека доколку постои подготвеност за реализација на европската идеја секој друг проблем може да се разреши. Почнувајќи од прашањето на признавањето на Косово, преку проблемот на Македонија со името, до бр ојните трговски и други расправии.

Европско внимание за проблемот со името

„Европската идеја е соработка, а не конфронтација. Член на ЕУ може да биде само оној кој соработува, а не оној кој се конфронтира. Зашто Европа не е заедница за економските шанси, туку политичка идеја, унија на вредности во која мирот е есенцијален”, подвлече министерот Вестервеле, кој говорејќи за вредностите на Европската унија кажа дека таа е животната полиса за иднината, особено во времето на глобализацијата.

Milososki in USA

Дополнително европско внимание за спорот со името, побара министерот Антонио Милошоски

За единствениот европскиот пат што го има Западниот Балкан, збор имаа првите луѓе на дипломатијата од регионот, со исклучок на Србија.

Осврнувајќи се на проблемот со името, македонскиот министер Антонио Милошоски изрази верба дека двајцата лидери, македонскиот премиер Груевски и грчкиот Папандреу, но и неговиот колега Друцас и тој лично, ќе го разрешат ова прашање, подвлекувајќи:

„Но, за овој македонско-грчки дијалог мислам дека ни‘ треба дополнително европско внимание.“

Лидерите од регионот кажаа дел од своите маки и очекувања, но заедничката црвена нишка беше: се работи на реформите, регионалната соработка е дел од патот кој води до европското семејство, кое пак не треба да биде скептично кон оние што претендираат за членство. Во оваа смисла и австрискиот министер за надворешни работи Михаел Шпинделегер побара до земјите од Западниот Балкан да се упати значајна порака - добредојдени се во Европската унија! Австрија и Германија ќе направат се‘ за да ги поддржат на тој пат. Но, две работи треба да се имаат на ум. Од една страна, треба да се испратат сигнали на охрабрување за да може реформите да одат нанапред, но од друга страна треба да се формулираат барањата на ЕУ, зашто мора да се каже што се’ треба да се направи, за Унијата да може навистина да биде успешна.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM