1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Европските институции постигнаа компромис за буџетот

Претставниците на институциите на ЕУ во текот на ноќта (11/12.11) постигнаа договор за буџетот за 2014 година, за кој долго се спореше. Со постигнатиот компромис буџетот ќе изнесува 135,5 милијарди евра.

Со синоќешниот договор се става крај на повеќемесечниот спор меѓу владите на земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент околу планираните трошоци за 2014 година. Најголемиот дел од средствата ќе бидат вратени назад кај земјите-членки, најчесто во вид на земјоделски субвенции и поддршка за сиромашните региони.

„Договорот ги овозможува неопходните инвестициски можности за европските бизнисмени, научници, студенти, градови и региони, во време кога тие се многу потребни“, изјави комесарот за буџет Јануш Левандовски.

Европската легислатива и националните влади се во речиси постојан судир околу буџетските прашања, а недоразбирањата потекнуваат од различните визии за правецот во кој ЕУ треба да се движи во период на заздравување од финансиската криза.

Постигнатиот договор треба да му го отвори патот на парламентот конечно да ја одобри буџетската рамка за периодот 2014- 2020, со која потрошувачката ќе се ограничи на 960 милијарди евра.

Помали трошоци, повеќе инвестиции

Буџетот за 2014. година ќе изнесува 135,5 милијарди евра. Парламентот бараше 136,4 милијарди, додека владите на земјите на ЕУ сакаа да ги ограничат трошоците на 135 милијарди. Постигнатиот компромис е некаде на средината.

„Се договоривме да го засилиме финансирањето на приоритетни области како

Janusz Lewandowski

Комесарот за буџет Јануш Левандовски

економскиот раст, работните места, иновациите и хуманитарната помош“, соопшти литванскиот заменик-министер за финансии Алгимантас Римкунас, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

„Зајакнати се агенциите на ЕУ кои се одговорни за миграциите, азил и гранична контрола, како и одговорните за финансиски контроли“. Буџетот за 2014 година е за девет проценти помал од оној за претходната година.

Левандовски смета дека компромисот е доволен, но не можеше да ја исклучи можноста дека во текот на годината ќе бидат потребни дополнителни фондови за да се затворат некои буџетски дупки.

Најден беше компромис и за реализирање на ветената помош од околу 400 милиони евра за Германија, Австрија и Чешка за санација на последиците од големите поплави кои ги зафатија овие земји минатата година. Сепак, овој пакет не наиде на едногласна поддршка од 28. земји членки. Четири земји „не беа во можност да се приклучат кон гласањето“, изјави литванскиот заменик-министер за финансии Алгимантас Римкунас.

Велика Британија, Данска, Холандија и Шведска претходно бараа поголеми заштеди во буџетот, правдајќи се со големиот притисок врз нивниот национален буџет.