1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европските архитекти говорат за „Скопје 2014“

Иако има мешавина на стилови и неоригиналност, сепак анимацијата за „Скопје 2014“ има и позитивна страна - може да биде подлога за темелна дискусија и изнаоѓање решенија за нешто подобро, сметаат европските архитекти.

default

Собрание на Република Македонија со купола слична како онаа на германскиот Рајхстаг; Споменик на паднатите херои кој потсетува на берлинската Зигесзојле, односно Столбот на победата; Порта Македонија како прочуената Триумфална капија од Париз - сето ова и многу повеќе треба да го има Скопје во 2014 година.

„Се прави напор на градот да му се даде една контура, едно лице, една форма, просторна целина. Поставувањето споменици на националните херои говори за реализмот со историски паралели. И тука заедички станува збор за говорот на формата, а не функционалноста. Значи формата е класична, но не знам што навистина тука среде улица бара една Триумфална капија?" коментира за македонската програма на радиот Дојче веле Нина Неделков, една од водечките архитекти на Берлин, која во минатото како член на германската Комора на архитекти го посетила Скопје. Според неа, паѓаат в очи историските елементи. Сака да се пренесе една размисла за историзираниот град во која сите добро се чувствуваат. Но, доколку се анализираат деталите впечаток е дека не е така. Констатира дека е лоша копија, и е зачудена зошто ја нема модерната архитектура и зошто немало меѓународен конкурс за да се изнајде подобо решение.

Не е слика на денешнината

„Прашање е дали мешаницата од стилови е вистинска слика на денешното време. Филхармонијата е едно делче модерна архитектура, која во филмот делува изгубено. Дали е добра или лоша не сакам да коментирам. Но мојот впечаток е дека во градбите ја има аналогијата на големите урбанистички планови на Романија, односно има враќање наназад.“ Сепак според Неделков колку и да е лошо направена сепак замислената идеја за Скопје во 2014 има и добра страна. Понудениот, како го именува генерален план, е одлична подлога за темелна дискусија. Особено за архитектите и урбанистите од Скопје, кои посебно ги цени и кои имаат добра традиција во модерната архитектура. Ова треба да биде своевиден предизвик тие да дискутираат и добро да ги испланираат предвидените објекти од колажот.

Одговорноста на архитектите

Кој сноси одговорност ако некој проект е грд и далеку од она што е белег на денешнината? Оние кои финансираат или архитектите?

Ser Norman Foster

Архитектите немаат голема моќ, но можат да влијаат со убедување -Сер Норман Фостер

„Како архитект всушност немате моќ. Ако сте мој клиент не можам да ви кажам што треба да направите. Ако сте локален политичар уште помалку. Но, може да се обидам да ве убедам, да се заложам, да бранам нешто што сметам дека ќе биде корисно и ќе ги задоволи не само приватните туку и јавните барања," подвлекува водечкиот светски архитект Сер Норман Фостер кој е автор на стотина модерни зданија во Британија, Америка, Блискиот и Далечниот Исток, но и обновениот германски Рајхстаг.

„Копирани” објекти

Во некои од планираните, архитектите препознаа веќе реализирани објекти. За Уставниот суд Педро Мореира, бразилски архитект кој живее и работи во Берлин вели дека објектот наликува на стоковна куќа за новите богаташи од Сан Паоло, Бразил каде има над 200 продавници на дизајнери.

Deyan Sudjic Director Art Museum London

Новите објекти треба да гледаат во иднината. Дејан Суџиќ, директор на Музејот за дизајн од Лондон

„Шокиран сум што некоја сака да му направи толку страшна работа на еден европски град. Во име на националниот идентитет сака да се создаде нешто што наликува на хотелот во римски стил - Палатата на Цезар во Лас Вегас. Секако дека една нација мора нешто да изгради да се потврди. Но, тоа не може да се прави со фалсификување на минатото, туку со позитивен поглед во иднината," доплнува Дејан Суџиќ, прв човек на Венецијанското биенале за архитектура во 2002 и актуелен директор на Музејот за дизајн од Лондон.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска