1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Европскиот суд ги зајакна правата на барателите на азил во ЕУ

Барателите на азил кои досега во Германија доаѓаа од друга земја на ЕУ, најчесто беа директно протерувани. Со одлука на Европскиот суд во Луксембург, сега ваквата практика се менува.

Европскиот суд во Луксембург со својата денешна пресуда (14.11) ги зајакнува правата на барателите на азил во ЕУ. Имено, тие добиваат право нивното барање за азил да биде разгледано не само во земјата на ЕУ каде прво пристигнале, туку, под извесни услови, и во друга земја на Унијата каде доставиле барање за азил.

Илегалниот влез во ЕУ не значи автоматски одбивање

Исто така, отсега натаму илегалниот влез во ЕУ нема да значи автоматски и одбивање да се разгледа барањето за азил. Една земја во основа ќе може да го испрати во друга земја барателот на азил, но претходно, надлежната држава членка на Унијата ќе мора да се изврши проверка на случајот согласно ЕУ-уредбите.

Одлуката на Европскиот суд е донесена врз основа на случајот на Кавех Пуид. Иранецот побегна од својата татковина во Грција во октомври 2007 година, а потоа веднаш пристигна за Германија. Дел од неговото семејство живее во Германија. Татко му во 1998 година доби статус на бегалец во Германија. Кога Пуид слетал на Франкфуртскиот аеродром, тој е однесен во притвор од каде требаше да биде протеран. Германија одби да го разгледа неговото барање за азил со образложение дека Пуид прво пристигнал на територија на ЕУ во друга земја членка на Унијата. Затоа, како што беше речено, барањето за азил тој мора да го поднесе во Грција. Иранецот беше протеран во Грција во јануари 2008 година. Потоа тој поднесе тужба и успеа да докаже пред судот во Франкфурт дека во Грција е третиран нефер и во услови недостојни за човекот. Германија по ваквата одлука на судот му додели статус на бегалец.

Европскиот суд во 2011 година со посебна пресуда утврди дека барател на азил не смее да биде протеран во земја чиј систем за азил има „систематски“ недостатоци, поради кои доаѓа до нечовечки и понижувачки третман на азилантите. Германија во меѓувреме не протерува баратели на азил во Грција.