1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Европскиот суд ги зајакна верските слободи

Европскиот суд во Луксембург донесе одлука дека луѓето кои не смеат јавно да ја изнесат својата верска определба, имаат право да бараат азил во други земји. Одлука што ќе влијае и врз германските закони.

Луѓето кои во нивната татковина се прогонувани поради својата вера имаат право на азил во Европа - гласи одлуката на Европскиот суд. Кога посегањето по правата на поединецот се „големи“, на луѓето кои се прогонувани поради религиозни причини мора да им се дозволи азил. Со тоа Европскиот суд ја потврдува одлуката на еден германски суд.

Притоа, како што оценија судиите во Луксембург, не игра улога дали на прогонуваните лица им се забранува секакво практикување на верата, значи и во приватни рамки, или е забрането само јавно произнесување за верската припадност. За давањето дозвола за азил е важно само колку се тешки последиците кои им се закануваат на верниците.

Пресуда по девет години

Во 2003 и 2004 година двајца Пакистанци побегнаа од татковината затоа што како припадници на верската заедница Ахмадија во Пакистан биле прогонувани. Ахмадите себеси се гледаат како муслиманско реформско движење, додека сунитите, какви што се најголемиот дел Пакистанци, негираат дека ахмадите воопшто се муслимани. Исламска Република Пакистан од 1974 година донесе официјална одлука дека ахмадите не се муслимани.

Ahmadiyya-Gemeinde

Заедницата на ахмадите во Берлин има своја џамија, што во Пакистан и‘ е забрането

Кога двајцата Пакистанци побараа азил во Германија, како причина наведоа дека во татковината биле верски прогонувани и дека не смееле слободно да ја практикуваат верата. Надлежната служба за миграција и бегалци, меѓутоа, во тоа не видела доволна причина за да даде дозвола за азил и го отфрлила нивното барање.

Потоа со случајот се занимаваше судот во покраината Саксонија и оцени дека двете лица имаат право да добијат азил во Германија затоа што биле верски прогнувани. За случајот да биде расчистен темелно, судиите од Лајпциг го префрлија случајот во Европскиот суд во Луксембург.

Повлекување во приватност не е решение

Со својата одлука судиите во Луксембург го отфрлија аргументот дека припадниците на забранетите религии можат да избегнат државен прогон доколку се повлечат во приватност и својата вера не ја практикуваат јавно. Одлучувачки за дозвола за азил не треба да биде дали верата смее или не смее да се практикува јавно, туку какви казни следуваат за верниците. Тие во Пакистан може да бидат драконски, вели Мохамед Давуд Мајока, портпарол на ахмадите во Германија. Со оглед на тоа што сунитите не ги признаваат ахмадите како муслимани, тие постојано се соочени со опасност да бидат прогласени за богохулници. За такво нешто е доволно само ако ахмадите го употребуваат исламскиот поздрав или речат дека се припаднци на исламот, нагласува Мајока. Тоа би можело да биде санкционирано со смртна казна. Иако досега ниту една смртна казна не е спроведена, и денес во затворите во Пакистан има ахмади осудени на смрт.