1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европскиот пат на Македонија - висока политика!

Македонците од Берлин немаат контакти со германската политика и не можат да придонесат за побрзиот пат на земјата во ЕУ. Велат, тоа е висока политика, но го признаваат македонскиот ген на повлеченост и непродорност.

И Македонците од Берлин сакаат нивната татковина што поскоро да стане дел од Унијата. Но, кога станува збор за нивниот личен ангажман се чини, како и самите велат, доминира македонскиот ген: отсуствуваат сопствената иницијатива, самодовербата и продорноста. Што конкретно можат да направат за европската иднина на Македонија?
„Тоа е ептен висока политика! Треба некој од македонските политичари да дојде и да тргнеме по нив. Самите не може ништо да направиме! Треба некој да не‘ поведе и да тргнеме и ние по него“, смета Миле Гошев, родум од Струмица кој долго години живее и работи во престолнината.

Само меѓусебни комуникации

Трајан Нешковски кој во Македонија има фирма за медицински помагала, им забележува на македонските политичари, кои и онака ретко престојуваат во Берлин, дека контактираат само по партиска линија. За комуникацијата со германската политика Нешковски дополнува:

Mazedonier aus Berlin Trajan Neskovski

Македонците комуницираат главно само меѓусебно: Трајан Нешковски


„Ние не контактираме! Ние сме типични Македонци. Контактираме само меѓу нас, ни пречат странците. Секако дека може да се пишуваат писма и до Меркел и до локалните политичари, но не го правиме тоа. Повлечени сме, но велиме дека сме најпаметни и дека  Германците треба да учат од нас“, е критичен Нешковски.
Диме Цветанов коментира дека за било какви обиди да се притисне германската политика сега е доцна. Писма и петиции може да се пишуваат, но според него најважно е ако се настапи јасно и - гласно!
„Ние треба да се организираме и да се жалиме во Бундестагот, да не‘ признаат под уставното име. Ако го имаме уставното име, имаме шанси за се’ “ вели Диме кој смета дека доколку 500 до 1.000 Македонци излезат пред Бундестагот, земјата може и да биде признаена под уставното име. Само со коментари на улица - ништо не може да се постигне!

Само заедно - силни

Mazedonier aus Berlin Petruna Cvetanova

Петруна Цветанова: Само здружени сме силни!

Петруна Цветанова потсетува дека светот е како градина во која секој народ е како цвет и  доколку таму ги нема Македонците и нивните посебности и ЕУ и светот ќе бидат посиромашни. Таа дополнува дека секој на свој начин е амбасадор на Македонија. И таа на мал начин, со своите особености и карактер придонесува,  зашто секаде ја претставува својата земја и кој неа ја познава - ја знае и Македонија. Но, потсетува дека секој како единка малку може да  направи за Македонија без разлика дали пишува писма, меилови или разговара за Македонија со соседите.„Расцепени и како единки сме слаби, а организирани сме посилни “, подвлекува Петруна според која ова правило важи секогаш и за сите, но особено за оние кои се послаби и помалубројни!