1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија

Европскиот парламент со 486 гласови за, 55 против и 29 воздржани ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит.

Во резолуцијата Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската унија без одлагање да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување. Билатералните и добрососедските односи, според усвоениот текст, треба да бидат во конструктивен дух, водејќи сметка за принципите на ООН и ЕУ.

ЕП жали што одлагањето на датумот за преговори ја акцентира растечката фрустрација на јавното мислење во однос на ќорсокакот, во кој се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и тој ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. Исто така, се изразува жалење што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија. Грција е повикана да го искористи своето претседателство со ЕУ за да даде нов елан во процесот на интеграција, со што ќе ги потврди ангажирањата од агендата „Солун 2003“ и ќе создаде позитивен амбиент за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности.

Македонија се повикува да продолжи со реформите и да им стави крај на нејзините политики и практиките кои можат да претставуваат пречка за нејзината европска иднина, како и постигнување на напредок во областите наведени во заклучоците на Советот на ЕУ.