1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Европскиот парламент за безвизниот режим со Македонија и Србија

Европратениците и Европската комисија бараат мерки за коректно спроведување на безвизниот режим за Македонија и Србија.

default

Еврокомесарката Сесилија Малмстром

Европратениците и Европската комисија посакуваат да бидат преземени сите соодветни мерки, како од страна на ЕУ, така и од земјите кориснички на безвизниот режим, за да се спречи злоупотреба на системот, ова е главниот заклучок од синоќешната дебата во Европскиот парламент по пратеничкото прашање за коректното спроведување на безвизниот режим за Македонија и Србија.

Укинувањето на визниот режим, според надлежната комесарка Сесилиа Малмстром, носи одговорности за земјите кориснички. „Тие треба да преземат соодветни мерки за да нема злоупотреба на системот“. Ова беше одговорот на еврокомесарката на заедничкото прашање поставено од европратениците Симон Буситил, Манфред Вебер, Ана Мариа Кораза Билт и Моника Холмајер, сите од групата на Народните партии, за загриженоста околу коректното спроведување на ослободувањето од визниот режим за Република Македонија и Србија.

Dossier Europaparlament in Straßburg - 3

Пленарната сала на Европскиот парламент

Помош за владите

Поставувањето на ова прашање беше со цел Европската комисија и воопшто Европската Унија да преземат мерки со кои ќе им се помогне на властите на Македонија и Србија да ги информираат подобро нивните граѓани за користењето на безвизниот режим за да се спречи приливот на баратели на азил од овие земји. Посебно откако, неколку земји, како Белгија, Германија и Шведска отворено изразија загриженост поради зголемениот број на баратели на азил од Македонија и Србија. Слични забелешки дојдоа и надлежната еврокомесарка Сесилиа Малмстром. Оваа ситуација според европратениците може да ја компромитира визната либерализација, за која Европскиот парламент гласаше масовно на 12 ноември 2009.

„Презедовме соодветни мерки за да се соочиме со оваа ситуација. Имавме состаноци со министрите за внатрешни работи, белгиското претседателство и високи претставници на Европската комисија ги посетија двете земји. Властите на двете земји презедоа одредени мерки, а превдидени се и нови кампањи за информирање и запознавање на граѓаните со тоа што значи безвизниот режим.

Frontex Rumänien

Припадник на ФРОНТЕКС со граничар

Потоа на граничната полиција и’ се дадени и инструкции за да има поголема контрола при излезот и за информирање на патниците за ризиците од неосновани барања за азил“.

Евалуација во јуни 2011

Европската Комисија во рамките на процесот на следење на овие земји ќе продолжи со евалуацијата на преземените мерки и реформи, за да се спречат несаканите ситуации. Притоа ќе бидат искористени и офицерите за врски за имиграцијата, бирото за полициска соработка на земјите од Југоисточна Европа, Фронтекс итн. Еврокомесарката Малмтсром притоа најави дека првата официјална проценка на безвизниот режим ќе биде направена во јуни 2011 година.

„Одговорот на Госпоѓата Малмстром беше охрабрувачки, вистина е дека има проблеми со овие земји, но не треба да се враќа визниот режим, тоа ќе значи чекор назад“, нагласи унгарскиот европратеник Чаба Табајди.

Gordana Jankulovska Innenministerin Mazedoniens

Македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска

Слично размислуваат и другите од учесниците во дебатата, кои меѓутоа побараа почитување на зацртаните правила од безвизниот режим.

Францускатата европартененичка Натали Кризбек на крајот заклучи дека во дебатата била покажана одговорноста на европските институции по ова прашање и таа била своевиден одговор на определеноста на ЕУ да остане отворена. „Потребно е само да се направи се’ за да тоа им биде објаснето на нашите граѓани, што претставува тримесечна виза и да се отстарнат сите недоразбирања кои можат да се случат“, нагласи Кризбек.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски