1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Европскиот парламент денеска даде согласност за прием на Бугарија и Романија во ЕУ

Тие треба да станат членки на Унијата како што е и планирано во јануари 2007-ма година. На согласноста и претходеше на моменти жестока дискусија во која беше истакнат напредокот, но и многубројните дефицити што допрва треба да ги надминат двете балкански земји.

Наскоро ќе биде една од европските престолнини: панорама на романскиот главен град Букурешт

Наскоро ќе биде една од европските престолнини: панорама на романскиот главен град Букурешт

Големо мнозинство од европратениците гласаше за приемот на двете земји, при што Романија сепак помина нешто полошо – со 25 гласови помалку за и 23 повеќе против приемот, отколку што се изјаснија за Бугарија. Во секој случај, на крајот од месецов, според планот, можат да бидат потпишани договорите за пристапување кон Унијата.

Во дебатата во Европскиот парламент претставници на сите големи фракции го пофалија напредокот на Романија и Бугарија на патот кон членство во ЕУ, но обрнаа внимание и на низа од дефицити. Европратениците сметаат дека Бугарија мора пред се’ консеквентно да го модернизира правосудството, како и да ја унапредува интеграцијата на Ромите во општеството. Романија мора да совлада поголеми пречки: да спроведе реформи во управата и правосудството, да ги отстрани корупцијата и угнетувањето на малцинствата, а пратениците гледаат дефицити и во правната регулатива што треба да обезбеди конкурентски натпревар на пазарот.

Еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен на седницата во Стразбур рече дека во наредните 21 месец обете земји морат да спроведат важни реформи. „Обете ќе бидат највнимателно надгледувани“ – порача Рен. Ако Европската Комисија дојде до заклучок дека некој од кандидатите не е најдобро подготвен, нема да се двоуми да го одложи приемот, рече Оли Рен.

Пратеници од редовите на конзервативната фракција на Европските народни партии критикуваа дека со оглед на масивните дефицити не се исполнети условите за пристап кон Унијата. „Станува збор за прашањето за корупцијата, за правната држава севкупно, за способноста на администрацијата, но и прашањата за конкурентскиот натпревар на пазарот и слично“ – како што образложува Елмар Брок. Сепак, во последен момент фракцијата го повлече барањето за одлагање на гласањето. Кога веднаш потоа исто барање поднесоа Зелените под образложение дека „не може секогаш Европскиот парламент да дава бланко-чекови“, барањето беше со убедливо мнозинство отфрлено.