1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Европската комисија загрижена за Словенија и Шпанија

Европската комисија денеска изрази голема загриженост поради економската состојба во Шпанија и во Словенија и побара од овие две земји итно да достават програми за санирање на економиите.

„Шпанија и Словенија имаат нерамнотежа која може да се оцени како претерана... Двете земји членки треба да претстават потполна и детална економска програма за да се исправи нерамнотежата на одлучен начин“, наведува Комисијата во денеска објавениот извештај за макроекономската нерамнотежа во 13 европски земји.

„Овој извештај претставува знак за аларм за неколку земји членки“, изјави комесарот за економија Оли Рен (на фотографијата горе) на прес-конференција.

Кога е во прашање Шпанија, ЕК е загрижена поради високото ниво на задолженост кое може да претставува ризик за стабилноста на јавните финансии на земјата. Во 2012. Шпанија доби план за докапитализација на своите банки кои имаат проблеми. Рен укажа дека земјата мора да ги исправи недостатоците и потенцираше дека Шпанија е земја во рецесија, соочена со голема невработеност, особено меѓу младите луѓе.

Во Словенија, ЕК укажува на нерамнотежата на банкарскиот сектор и бара итна реакција, еден ден по состанокот на новата словенечка премиерка Аленка Братушек со европските претставници во Брисел.

Словенечкиот банкарски сектор е под голем товар поради лоши долгови. Тие изнесуваат околу седум милијарди евра, и според проценките на ММФ на Словенија ќе и требаат околу една милијарда евра за да ги рекапитализира своите три главни банки. Поради тоа, земјата се почесто се споменува и како следен кандидат за добивање меѓународна помош.

Освен овие две земји, во извештајот на ЕК наведува дека со економска нерамнотежа се соочуваат уште 12 држави членки на ЕУ, а посебно се критикуваат и Франција и Италија, на кои им се забележува недостаток на конкурентност и голема задолженост.

Комесарот Рен на прес-конференцијата соопшти и дека ќе го поддржи барањето на Португалија и Ирска за пролонгирање на рокот за исполнување на условите од кредитните аранжмани со кои овие земји беа спасени од банкрот.